ЧАУРА – Наташа ПЕТРОВСКА

Сподели

Постапките, пак, на луѓето се предодредени од мислите. Мислите се комплекс од вродени квалитети, воспитување, образование, социјална средина,  културолошка средина. Најголем дел од ова (без голото НИЕ од раѓање на пример), е регулирано од државата. Од друга страна, не само формата, туку и нејзиниот идентитет (на државата), нејзиното уредување може да е единствено контролирано со еден здрав систем на инфериорност на „владетелот“ кон „владеаните“. И сето ова е еден пример на дилемата, што е појавено порано, јајцето или кокошката?! Поведението на човекот или државната (не)уреденост?! 

Живеевме во општество каде секоја човечка потреба беше зависна од државата. Таквата (не)култура подолго време беше/е  устоличена. Низ разни форми на терор  долго време државата и партијата го контролираа секој аспект на човечкиот живот. Се создаде општествена хипокризија модерна за своето време. Монопол на бирократија. Монопол на експерти. Шашардисани умови, испрани, препрани до обелување. Колективна хипноза во која се удавил квалитетот на животот. Утрински програми, попладневни програми, вечерни дебати, постојано заморно потсетување на неквалитетното живеење. Потсетување и потврдување. Давење во чаура.

Како да се создаде новиот поглед на моралот и општеството? Тоа не се прави едноставно со промена на власта. Така можеби се зачнува. Но, ќе треба време. Време во кое нема лесно да згасне сечие жарче на желбата за надмоќ. Време во кое ГРАЃАНИНОТ нема да посакува или да сака власт врз грбови. Време за нови вредности. Не дека тие би останале вечни, туку дека би ја излечиле оваа чума на денешницава, сегашницава, за некое време до некое ново време и можеби би нè направиле имуно посилни. Циклуси препознатливи за историјата на човештвото распослани низ цивилизации. 

Во секој таков циклус, сечиј човечки живот е само миг. Од човекољубие човек треба да се прилагодува на околината, но никако ама баш никако не смее да дозволи да остане засушена ларва во чаурата. Животот не е ништо без отчауреност. Само пеперутката која излегла од чаурата положила нови јајца за нови летови и цивилизации. Тоа ментално премостување носи доволна радост на гостувањето во некоја цивилизација.

Ќе треба време! Биле ние трпеливи или не, биле ние смирени или нервозни, ќе треба време со многу енергија. Ниту само енергија на умот, ниту само на срцето. Ќе треба синергија. Помеѓу утринската, попладневната и вечерната програма – најдете време за театар или проекција на филм, или добра книга. Оти можеби нè шашардисаа та подзаборавивме – La vita è bella.