Вести Свет

Четири грчки телевизии платија вкупно 246 милиони евра за национални ТВ-концесии

Сподели:

Грчкиот државен буџет се зголеми за 246 милиони евра од четирите национални телевизиски концесии што ги додели грчката влада. По маратонска аукција за концесиите од 65 часа, временски период во кој во просториите на Генералниот секретаријат за медиуми во Атина беа затворени под клуч сопствениците и консултантите на осум медиумски куќи, рано утринава грчката влада ги објави имињата на четворицата победници на аукцијата и имињата на четирите телевизии што ќе продолжат да работат.

Со платени 43,6 милиони евра за телевизиска концесија, продолжува да функционира телевизијата „Скај“, како и телевизијата „Антена“ која својата дозвола ја плати 75,9 милиони евра. Со другите две дозволи, платени 52,6 милиони евра од бизнисмен кој се смета близок до СИРИЗА, и 73,9 милиони евра од сопственикот на клубот „Олимпијакос“, ќе се отворат два нови телевизиски канали.

Без концесија останаа телевизиите „Стар“ и „Алфа“, чија иднина заедно со телевизијата „Мега“ останува неизвесна. Под знак прашалник е дали овие телевизии ќе успеат да добијат некаков друг вид концесија и што ќе се случува со стотиците новинари и техничари што работат во овие медиумски куќи.

Грчките медиуми се фрапирани од високите суми платени за концесиите. Постои огорченост за целата ситуација и дилема зошто било неопходно да се платат милионски суми за да се дозволи слобода на говор и информирање на граѓаните. Коментарите се дека вкупната сума од 246 милиони евра ги надминала сите очекувања. За потсетување, почетната цена на аукцијата за првата концесија беше 3 милиони евра.

Потпаролот на грчката влада, Олга Геровасили, изјави дека првпат во Грција кончено се имплементираат правила за користење на телевизиските фреквенции.

– Со ова се отвора нова страница за радиотелевизискиот сектор и за начинот на медиумско информирање во нашата земја – истакна Геровасили.

Вицепремиерот Никос Папас истакна дека со доделувањето на концесиите се става крај на 27 години беззаконие во медиумскиот простор, коментирајќи дека Грција е единствена земја што никогаш немала организирано тендер за концесии за приватните телевизиски канали. Според него, отсега избраните телевизии ќе го информираат народот објективно, а не според нивната соработка со извесни грчки политичари.

– Не очекувавме цената да оди толку високо – истакна Папас.

Грчко-рускиот бизнисмен Иван Савидис, сопственик на солунскиот фудбалски клуб ПАОК и на хотелот „Македонија палас“, кој исто така учествуваше и не успеа да добие концесија, напуштајќи ја зградата истакна дека целото искуство потсетувало на затвор, додавајќи дека дури и во тоалет оделе со полициска придружба.

Извршниот директор на телевизијата „Скај“, Костас Кипуропулос, забележа дека целиот процес изгледал како филм режиран од Хичкок. Неговата телевизија, која ја зеде првата концесија, за неа се борела 10 часа. Најдолго траел процесот за последните две концесии, по 14 часа за секоја концесија.
– Ние не дојдовме да добиеме концесија. Во суштина, дојдовме да преговараме за да платиме откуп – истакна Кипуропулос.

Претставникот на телевизијата „Стар“ истакна дека не очекувале цената да биде толку висока, додека од телевизијата „Алфа“ најавија дека правно ќе реагираат против целата процедура.

Според коментарите во Грција, под знак прашалник е што ќе се случува понатаму, особено ако се дадат регионални и тематски концесии и како за нив ќе реагираат првите четири сопственци на концесиите кои платија милионски суми. Како што најави потпаролот Геровасили, ќе има период од 90 дена за прилагодување, по кој телевизиите што имаат концесии ќе продолжат со работа, а тие што останаа без нив по овие три месеци ќе мора да го изгасат сигналот и да престанат со работа.

Извор:http://meta.mk/chetiri-grchki-televizii-platija-vkupno-246-milioni-evra-za-natsionalni-tv-kontsesii/

Сподели: