„ЧИСТА ИСТОРИЈА“ КАКО УТОПИЈА (2) – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

Во контекст на она што се нарекува филозофијата на историјата, како празни флоскули, како дилетантско хорско завивање, звучат сегашните ламенентации на анационалните апологети дека историјата ни е сведена на класична „патриотска дисциплина… за изградба и надградба на националниот идентитет.“ Очигледно станува дека „левата елита“ не сака да разбере дека неодбегливо е кога се зборува за идентитетот, односно на начинот на кој тој се конструира и репрезентира, тогаш во тоа зборување важно место мора да зазема историјата. Со нејзина помош дознаваме за временската и просторната судбина чиј дел сме и ние. Во неа сме од породувањето и на неа ѝ припаѓеме. Да се негира постоењето или значењето на историската свест воопшто, па и на македонската национална свест во нашиот случај, како дел од пошироката општествена свест на секој поединец, држава или народ, не е само погрешно, туку е и – спротивно на објективната стварност и здравиот разум.

Имено, не постои празна свест и свеста е секогаш интенционална. Меѓу останатото, свеста секогаш „чува“ податоци за минатото. Во нередот од слики и знаци, факти и информации од минатото, книгите за историските прашања создаваат некаков ред во мислите на луѓето. Историграфите преобмислуваат и ги обојуваат дамнешните настани. Така тие ја вознемируваат свеста и совеста врз основа на вистинити сведоштва за реално одиграни настани. Затоа, умешноста на историското сликање зафаќа цела лепеза нијанси: од романизирани биографии, преку сувопарни фактографии до екстремно мунициозни монографии.

Всушност, разбирам дека на овие наши заслепени леви снобови би им било тешко, ако не и невозможно, да го сфатат укажувањето на Бенедито Кроче дека „сета историја е современа историја“, или на Имануел Валерштајн дека „не постои некоја општествена наука која не се обврзува“, а дека „прераскажувањето на минатото е општествен акт во сегашноста од страна на современиците…“, но можат барем да го „погледнат“, онака површно, Фридрих Ниче со објаснувањата дека „историјата“ не може да биде „чиста наука“ (наука „чија клучна задача“ би била само „да сведочи за минатото“) оти таа „ветува иднина и е во служба на животот само ако се наоѓа во служба на некоја моќна животна струја или нова култура.“ Или ако им е поблизок во нивната плитка неолиберална ментална матрица, нека го прочитаат Френсис Фукујама кој објаснува дека „одделните историски настани можат да добијат смисла само со оглед на еден поопшт резултат или цел, чие достигнување неизбежно го завршува историскиот процес“, дека е „невозможно да говориме за историја, а уште помалку за Универзална историја, без да се повикаме на еден постојан трансисториски стандард… бидејќи историјата не е даденост, не е едноставно каталог на сето она што се случило во минатото, туку е еден намерен напор на апстракција во која ги разделуваме важните од неважните настани…“ Ако во бугарскиот случај, „трансисториски стандард“ е бугарскиот национален интерес, секако дека во нашиот случај тој стандард ќе биде македонскиот национален идентитет. И во цела оваа ситуација нема никаков „научен“ проблем, а ламентациите за потребата на некаква „мултиперспективност“ и „чистота“ се само неуспешен обид да се одбрани една антимакедонска и антинаучна политика во еден билатерален договор изнуден преку меѓународен притисок.

Пишувањето историја не е нималку наивен гест, нималку безопасна работа. Напротив. пишувањето историја е, помалку или повеќе, суптилен метод за контрола и за, негативно или позитивно, означување на другиот. Расветлувањето и обелоденувањето на вистините од дамнина е сложена работа и задача која бара луѓе кои поседуваат високи морални и професионално-научни критериуми. Препуштањето на историографијата на дневнополитичкото цунами кое ќе ги избрише, макар и привремено, нејзините национално-идентитетски, еманципатиторски, научни и останати трајни функции, е своевидно политичко злосторство врз науката и не може да помине без сериозни штетни последици во македонското општество.