Овој видео запис е четврти музички спот од приказната на „Девојчето со долгата коса“, според истоимениот албум кој беше промовиран на крајот од 2023та година. „Да раширам крилја“ е фениксот кој се издигнува од пепелта, музичко – танцова, аудио – визуелна и модна рефлексија на Стефанија, за спознатата слобода која ги става на пиедестал исконската љубов, вистината и среќата. Силата која ги шири крилјата е Божјата верба, која всушност носи до состојба на детска радост и безгрижност.
Кадрите од волшебните пејсажи се снимани на единствениот македонски остров во природно езеро, „Голем Град“ кој се наѓа во Преспанското езеро и е од големо културно – историско значење. Дивината, птиците, дрвото Фоја и желките доминираат во самото видео, но иако е наречен „Змиски остров“ не беа забележани змии за време на снимањето.
Живеам во време,
создадено за љубов
јас сум зависна
среќата ја нудам
дел по дел од зрно раснам
цвет со сонце
в градина расцветувам.
Ти ми даваш сила
од пепел да се возвишам
да раширам јас крилја
над земјава да пораснам
ти ми даваш сила
од пепел феникс издигнав
со тебе да летам
Универзумот да го прелетам…
Ширам јас крилја,
со растопена сум душа,
секој звук го слушам
и најсилно те гушкам…
Топлина во гради,
Светлина јас здогледав,
на ѕвездите се задржав,
како дома се почувствував…
Песната е авторска музика и текст, дело на Стефанија и е снимана во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World. Претходно направениот аранжман на Петар Димитровски, добива нов аранжман од Стефанија, збогатен со гитарските звуци на Владимир Враниќ, а нов микс и целосен мастеринг прави Владимир Аговски.
Идејата на албумот „Девојчето со долгата коса“ е откривање на себеси како единка
која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои
влијаат врз градењето на една личност. Со акцентирање на детето, кое прераснува во
возрасна и свесна личност, повторно се враќаме на основните и суштински детски
потреби и вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Тие водат кон
подигнување на свеста и осознавање на духовната слобода. Емотивните состојби во
кои поминува една личност во порцесот на себеосвестување, падови и возвишувања,
се пренесени преку текстовите на Стефанија. Таа има за цел на овој начин да ја
подигнува свеста и да провоцира основни прашања кон себеспознавањето. Да
акцентира колку еден човек е важен да се пронајде и открие себеси, па така на
позитивен начин да влијае на колективната свест. Се претставува како комплетен
артист, пренесувајќи посебен однос кон сцената на современиот македонски уметник.
Видеозаписот го снима Владимир Бошковски, режија и монтажа прави Стефанија. Сите уникатни костими кои ги носи Стефанија се дело на нејзината мајка, модна дизајнерка Анастасија Зулевска (Анастасија Центар).