Дебата!? Кај нас, одамна, дебата нема и не може да има. Така е тоа, заради рововските позиции во кои се вкопани индоктринирани војници на различните завојувани идејно-политички страни. Со такви цврсти фронтални позиции не е можно да се разговара за нешта од општествено-политичката сфера, кои, сами по себе, се доста комплицирани и, оттаму, доста нејасни, па затоа претпоставуваат интелектуална непристрасност и, барем, минимално познавање на темата за која се разговара.
Војничкиот, послушен и сервилен, ментален склоп на полуписмената и крволочната толпа, само чека да се „појави“ на „бојното поле“ некој умен и со интегритет, некој, како на пример академикот Ферид Мухиќ како предлог на листа за парламентарните избори, за да му се нафрли и да го „растргни на парчиња“. Секако, на оваа толпа неспособни будали, воопшто, не им вреди ниту „минатиот труд“, ниту интелектуалната големина, ниту моралниот интегритет… Таа толпа од „вечни“ незадоволници што го мразат сиот свет околу нив, а на моменти се пизмат и самите себе, бара само „објект“ каде ќе ги истури своите поврќаници и фрустрации.
Оттука, сведочиме дека полуписмени идиоти кои се претставуваат како новинари и граѓански активисти можат „легитимно“ да плукаат врз академици, осудени криминалци да бидат новинари и да пишуваат колумни, корумпирани професори да зборуваат за предавство на татковината и да прозиваат наводни предавници, политичари да се замислуваат генијалци и да „филозофираат“ за хирургија, економија, историја, астрофизика… Затоа, можеби, во такви ситуации, во ситуации кога вителот на лудилото и глупоста корне и носи сѐ пред себе, тогаш кога со сите средства се бранат глупоста, апсурдот, злобата и криминалот на владеачите и нивните измеќари, тогаш веројатно е добро човек да седи настрана, да ја гледа таа трагокомедија и само да опоменува и предупредува.
Всушност, дебатите кај нас се паради. Паради за себепромовирање на некои самозамислени интелектуални и политички „величини“. Впрочем, како што се и митинзите, протестите и контрапротестите, каде има говорници „качени на буре“, кои од таа „висока“ позиција дебатираат со своите имагинарни противници. А, последниве години се изнагледавме паради! И, да не се лажеме и залажуваме: сите оние кои учествуваат на парадите имаат своја одговорност. Ако сте виделе во разни телевизиски документарни емисии, во некои изминати времиња на парадите, учествувале, покрај луѓе, и коњи. Денес, на парадите, најчесто, нема коњи, но, луѓето кои денес учествуваат во парадите, особено оние кои се учесници во телевизиските паради, викани дебатни емисии, не само што се убави, дотерани, стокмени како што некогаш биле коњите, туку се и одговорни за поддршката и за она што потоа се случува во секој момент од владеењето на одредена политичка гарнитура и во државата.
Може на некого да му е жал за коњите кои ги влечкале на парадите, ама за луѓето кои „ги довлечкале“ и кои „морале“ на „дебатни“ емисии или по контрамитинзи да измислуваат „предавници“ и кои преку интелектуално-вербални мастурбации бесрамно и неодговорно сееја омраза и создаваа атмосфера за „оправдано убиство“ на сите противници на портокаловото криминално-злосторничко здружение, за сите нив не може и не треба да се има ниту оправдување, ниту сожалување. Оти, знаете, коњите немаат разум и не се одговорни за ништо што прават, ама ништо не ги амнестира луѓето од одговорноста за зборовите кои ги изговараат, постапките кои ги прават и политиките кои ги легитимираат и спроведуваат. И кои, на крајот, доведоа до леење на крв на собранискиот под. Ако, сето ова „дебатирање“ и „парадирање“ се заборави и се прости, сосема е извесно дека ќе ни се повтори сѐ грдо злобно и штетно што ни се случуваше последнава деценија.