Дел од македонските општини и натаму со блокирани сметки

Сподели

 

Педесетина страници испишани со предлози како да им се дадат поголеми надлежности на општините, како што е општинска полиција, самостојност во културната дејност и други обврски, засега остануваат во фиока до изборот на нова влада. Најавените предвремени избори и формирањето на техничка влада, која нема надлежност да спроведе постапка за вакви законски измени, целосно го запреа процесот на децентрализација.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски објасни дека овој труд од речиси половина година, може целосно да падне во вода, доколку дојде некој нова влада, која што ќе нема интерес да ги спроведе измените.

– Некоја идна влада овој предлог може да го отфрли. Предвидовме отворени листи за локални избори, намален број на советници, односно намалување на трошоците за да останат повеќе пари за инвестиции. Се разбира, некој нов министер или некоја нова влада може да го ревидира ова, да направи подобро решение, најважно е да продолжи процесот на децентрализација – изјави мининистерот Милевски.

Документот со предлози за измена на околу стотина закони, со кои ќе се овозможи идна децентрализација, е во драфт верзија, која не ни стигна да се сподели со општата јавност и да се чуе мислењето на опозицијата. За измена на Законот за локална самоуправа, како што се предлага, треба двотретинско мнозинство во Собранието.

Во меѓувреме, останува слабоста во менаџирањето на општините. И покрај издвоените 50 милиони евра од државниот буџет со кои сите општина добија пари да платат половина од своите долгови, сѐ уште има блокирани општини. Министерот за локална самоуправа објасни дека немаат информација за колкав број на блокирани општини се работи, бидејќи тоа е податок на Министерството за финасии, а со тоа е запознаена и Заедницата на единиците на локална самуправа (ЗЕЛС). Но, според Милевски, извесно е дека и натаму има општини со блокирани сметки.

– И покрај тоа што владата одвои 50 милиони евра за општините да ги платат долговите, дел од општините продолжија да генерираат нови долгови. Сѐ уште постои проблем кај дел од општините во областа на образованието, враќањето на долговите, кредити коишто се ненаменски земени. Има проблем и зависи од сегашните градоначалници колку наменски ги трошат парите и располагаат со буџетот. Некои не ги трошат парите, им стојат на сметка, а дел немаат доволно пари за да ги реализираат проектите и тоа е за жал, реалноста кај нас – рече министерот Милевски.  
Ваква е состојбата и по дваесет години вложувања во развојот на општините од страна на Швајцарската амбасада во Македонија. Тие велат дека веќе може да се забележи прогрес.

– Она што е за нас особено важно е да видиме силни општини, кои самостојно ќе може да ги прибираат своите приходи и даноци, за да можат да продолжат со своите инвестиции, а не да зависат од централната власт. Она што е уште поважно, кога се работи за инвестициски проекти, одлуките за тоа во што ќе се вложи, да се донесат преку партиципативен начин, со учество на сите заинтересини страни, бидејќи се покажа од пракса, дека тоа е возможно преку проектите што ние ги спроведуваме –  рече швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Теада.  

Амбасадорката најави дека и следната година останува поддршката за општините за регионален развој преку грантовата шема, во соработка со Министерството за локална самоуправа и осумте планските региони.  

 

мета.мк