Демократскиот сојуз искажува задоволство од искрениот и принципиелниот став на Чешка и Словачка, кои спречија ЕУ директно да се вмеша во историјата и да им овозможи Бугарија да ја редефинира и обликува истата според нивните потреби, користејќи го ветото и спречувајќи Македонија да продолжи по евроинтеграцискиот пат.
Македонија многу поодамна ги исполнува критериумите за започнување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија при што долго чекаше и чека пред вратите на ЕУ, заради наводно историски прашања, името на државата, јазикот, посебноста на народот и други прашања кои ги отворија соседните држави Грција и Бугарија.
Македонија освен што направи реформи во многу области, го смени Уставот, знамето и името на државата.
Затоа Демократскиот сојуз ја повикува Европската Унија да опстои на основните принципи, да ги почитува различностите и без било какви условувања да ги отвори вратите за членство на Македонија во ЕУ.
Ние со Бугарија, сакаме да имаме добри и развиени политички и економски односи, а за отворените прашања подготвени сме да разговараме отворено, аргументирано и во пријателски дух.
Сме за отворени граници и слободно движење на капиталот, луѓето и идеите. Немаме никакви резерви и предрасуди, ние сме Македонци, зборуваме на наш автентичен Македонски јазик, тие се Бугари и зборуваат на Бугарски јазик, нашата држава е Македонија, а нивната Бугарија.
Треба сите да преземеме дел од одговорноста за демократскиот развој и просперитет на Балканот.
Непринципиелните заклучоци и блокади, можат да ја нарушат безбедноста и стабилноста на Балканот и пошироко, се наведува во денешното соопштение на Демократскиот сојуз.