На 8 септември во Кинотека, на денот на независноста, ќе бидат прикажани токму овие значајни кино остварувања, режирани од Тамара Котевска и Љубо Стефанов, односно од Ѓорче Ставрески. На историски значаен ден за нашата држава, Кинотека се одлучи да ги проектира двата филма кои ја одбележаа рецентната македонска кино продукција.
Првиот е документарен филм, вториот е игран филм. Двете остварувања ги поврзуваат неколку нишки. Меѓу нив се и самите наслови. Медот впрочем, е еден вид исцелителна храна. Но тоа настрана. Најважните поврзници меѓу двата филма се: прифатеноста од публиката, речиси универзално позитивниот прием кај критиката, потврдено со многубројни награди.
Документарецот МЕДЕНА ЗЕМЈА, сниман три години, на фестивалот САНДЕНС под покровителство на прославениот актер и режисер Роберт Редфорд, доби три награди. Не го одминаа ниту признанија и промоции на други филмски смотри, а беше номиниран во две категории за престижната награда Оскар. Она што се потенцира за филмот, освен креативноста во секоја смисла е впечатливото докажување дека Човекот е само дел од Природата, а никако над неа. И филмот ИСЦЕЛИТЕЛ има подолга генеза на создавање. Авторот речиси една деценија осмислувал дали филмот да биде црна комедија, драма, социјална приказна. На крајот ИСЦЕЛИТЕЛ е сево ова, прецизно изрежирана кино творба, со впечатлива актерска игра, и суптилна музичка предлошка. На фестивалските проекции во различни краеви на светот, публиката со аплаузи, а критиката со пофалби го прифаќаше ова филмско остварување.
ИСЦЕЛИТЕЛ, (Secret Ingredient), Игран филм, Македонија, 2017, 104 мин., колор, ДЦП Почеток: 20:00 ч.
Режија: Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski)
Сценарио: Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski)
Улоги: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет (Blagoj Veselinov, Anastas Tanovski, Aksel Mehmet)
ИСЦЕЛИТЕЛ е филм на Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, а и монтажер на звукот. ИСЦЕЛИТЕЛ е филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар. Веле (Благој Веселинов), механичар од железничко депо, немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак. Набргу потоа, тој е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и растргнат од соседите-душкала, кои во него гледаат исцелител и последна надеж за оздравување…
ИСЦЕЛИТЕЛ е добитник на десетици награди и признанија во светот. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017, филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жирито за сценарио на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел.
Возрасна категорија: 12 години
БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ
МЕДЕНА ЗЕМЈА, (Honeyland), Документарен филм, С. Македонија, 2019, 90 мин., колор, ДЦП, Почеток: 18:00 ч.
Режија: Тамара Kотевска, Љубомир Стефанов (Tamara Kotevska, Ljubomir Stefanov)
Улоги: Атиџе Муратова, Назифе Муратова, Хусеин Сам (Hatidze Muratova, Nazife Muratova, Hussein Sam)
Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед.
Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја“ нѐ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. По подолго време – конечно – фантастичен филмски продукт од ова поднебје, кое како трајна вредност го препознава целиот свет.
Фестивали и награди: Sundance Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм, кинематографери и награда „Impact and change“; DocsBarcelona 2019 – Најдобар документарен филм; DocAviv Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм; Montclair Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм…
Возрасна категорија: 12 години
БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ