ДЕСКОСКА: Претходната влада била предупредена да не брза со програмата од Кембриџ

Сподели

 

Министерската Рената Дескоска на денешната прес-конференција по повод 100 дена од формирањето на Владата, изјави дека минатото раководство добило многу забелешки од Кембриџ Интернешнал со препораки за одложување, но ги игнорирало.

-“Добив писмо од Кембриџ Интернешнал во кое ме информираа дека и во 2016 година изразиле згриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта и со начинот на избор на учебниците. Кембриџ предупредувал дека за реформи во средното образование треба повеќе време и укажуваат дека е многу веројатно дека Кембриџ нема да може да почне од септември 2017 година. Дури и предлагале одложување за деветто одделение. Според нив, потребно е време од девет месеци до две години за адаптација на учебниците. Претходната влада ги игнорирала сите предупредувања од Кембриџ” – рече Дескоска.

Во отчетот, таа изјави дека покрај скенирање на затекнатата состојба биле преземени и серија активности насочени во три правци: отстранување или минимизирање на штетите од политиките на претходната влада, активности насочени кон тековните работи во ресорот и активности насочени кон реформите што ги предвиде новата влада кои треба да го подигнат квалитетот на образованието.

– Го укинавме екстерното тестирање, ја одложивме Кембриџ програмата во средно и укинавме одредени дисперзирани студии по барање на универзитетите и воведовме нови студиски програми кои претходната Влада ги имаше ставено во мирување – изјави таа.

– Отпочнавме целосна реформа која ги опфаќа сите сегменти во образованието. Отворивме консултативен процес во рамките на сите реформи и ги вклучивме сите засегнати страни кои сега имаат можност да влијаат на политиките и да го кажат својот глас за работите што ги засегаат – рече Дескоска.

Таа најави измени во законите за средно и основно образование.

Ќе се намали бројот на часовите, администеративните обврски на наставниците, а подготвен е законски текст за унапредување на ученичкото организирање и учество во процесот на носење на одлуки во средните училишта. Отпочнат е процес на ревизија на учебниците во основно и средно образование со креирање на онлајн прашалник кој е доставен до училиштата за наставниците да го дадат своето мислење за потребата од промени во учебниците. Министерката истакна дека веќе се повлечени од употреба два учебника.