Децата и комунална хигиена во светот на екологијата

Сподели

Градоначалникот Шилегов, постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Лујза Винтон, директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани и градоначалници на скопските општини, денеска присуствуваа на манифестацијата „Децата и КХС во светот на екологијата“ што се одржа на Школката во Градскиот парк.

-“Подигнувањето на еколошката свест кај граѓаните, особено кај најмладата популација, е важен предуслов за заштита на животната средина и околината во која живееме – изјави Шилегов. Градската администрација е посветена на заложбите за здрава животна средина и одговорно ги следи потребите на своите сограѓани, а идејата  за организирање на овој настан е развивањето на еколошката свест, особено кај најмладите, а со тоа и зголемување на помошта од граѓаните за зачувување на животната средина, неопходна за здрав живот на сите.

-Наша цел е до 2021 година да поднесеме кандидатура за Скопје европска зелена престолнина. Работиме на поставување стандарди за зачувување на животната средина. Оваа пролет се фокусираме на чистење и зазеленување на Скопје. Планираме да го исчистиме градот од дивите депонии и да засадиме над 4.000 нови дрвја на зелените површини. Резултатите од пролетната акција за чистење и зазеленување на градот ќе бидат видливи на краток рок. Наш приоритет е подобрување на животната средина. Должни сме да го надоместиме изгубеното зеленило и дополнително да ги зголемиме парковите и дрворедите во сите општини во градот. Нашите сограѓани заслужуваат подобрување на условите за живот, а промената  започнува од нас. Ние сме пример на нашите деца, внуци, на најмладите. Заедно ќе го направиме Скопје поубаво место за живеење” – нотираше Шилегов.

 

Дечињата од градинките се претставија и со свои еколошки точки, додека секое училиште имаше  свои учесници во спортските игри што се одвиваа со едукатори.