Децата со примени три дози ДиТеПер во изминатите 6 месеци може да посетуваат градинка

Сподели

 

Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски и претседателката на Националниот комитет за имунизација проф. д-р Александра Грозданова денеска информираа дека децата што ја завршиле примовакциналната серија со три дози ДиТеПер вакцина во последните шест месеци треба да им биде дозволено да посетуваат градинка, со напомена дека ревакцина треба да примат во следните шест месеци.
 
„На седницата на Комисијата за заразни болести ја имавме како гостин проф. д-р Александра Грозданова од Комитетот за имунизација, со цел да ги дообјасниме препораките кои беа дадени. Дообјаснувањето се однесува на деца кои примиле серија вакцинална од три дози, ја завршиле примоимунизацијата во последните шест месеци и сега им следи ревакцина која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци, но овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во последните шест месеци треба да им биде дозволено да влезат во градинка, со напомена дека оваа ревакцина редовно треба да ја примат во следниот период односно после шест месеци најрано од примањето на третата доза“, рече Петличковски.
 
Петличковски истакна дека состојбата не е добра, не е стабилна, а во оваа состојба сме се довеле заради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани.
 
„Оној податок од 50 проценти вакцинирани деца по градинките е поразителен податок за државата. И тука мора многу да работиме. Имаме разбирање, имаме и научна поткрепа дека овој малку олабавен начин на проценка на имунитетот со трите дози помага, но не знам до кога ќе остане затоа што ако состојбата со оглед дека сега сме веќе со бројки над 170 случаи во Скопје и над 200 во државата и веројатно тој број и понатаму ќе расте, можно е во следниве недели да излеземе со построги епидемиолошки мерки. Се зависи од развојот на ситуацијата. Тоа е главниот заклучок на денешниот состанок“, посочи Петличковски.
 
Проф. д-р Грозданова изјави дека од медицински и имунолошки здравствен аспект процениле дека детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци, завршена примоимунизација ќе биде оптимално заштитено со цел да може да продолжи да посетува градинка, да се социјализира со напомена дека ревакцината мора да биде примена во следните шест месеци.
„Имунолошкиот аспект од аспект на заштита на детето ќе биде целосен доколку се задоволени и двата услови. Во шесте месеци да бидат примени тие три дози од примо имунизацијата, но задолжително да се прими ревакцината, којашто временскиот период го скративме, наместо од последната доза на вакцина една година, го скратуваме на шест месеци. Тоа се препораките до родителите. Да го сфатат овој апел со цел нормално да соработуваме, но, приоритет е здравствената заштита на децата. Се’ уште епидемиолошката состојба е далеку од добра и се зголемува. Имаме во градинките, имаме во училиштата, во ризик ќе бидат и возрасните. Апелираме до родителите најитно да се упатат во вакциналните тимови и овој редослед на вакцини го остварат“, потенцираше Грозданова.