Џафери: Да не се повтори никогаш! За многу среќни моменти во нашето убаво Скопје

Сподели

 

“Враќајќи се низ историјата на градот Скопје, тоа секако не бил првиот земјотрес. За жал, веројатноста дека нема да биде ниту последниот кој што го погодува овој убав град постои и за во иднина. Почнал во пет часот и 17 минути, а продолжил со помали потреси се до пет часот и 43 минути и тоа биле најстрашните и најболни 26 минути во кои 1.070 луѓе го загубиле животот, а 3.000 биле повредени. Биле урнати 15.800 станови и над 200.000 луѓе останале без покрив над глава.

Веста одекнала и се раширила многу брзо и Скопје станало местото кон кое се насочило целото внимание на хуманиот и демократски свет, кој што без двоумење ги презел сите неопходни мерки што ги имал на располагање, за да одговори најбрзо и најефективно што може на болниот крик на погоденото Скопје. Се активирал Меѓународниот црвен крст кој што упатил апел до сите национални организации. Интерпарламентарната унија упатила препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот а Организацијата на обединетите нации веднаш по катастрофата презела активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Со еден збор, се активирала интернационалната солидарност и пред сѐ, човечноста и човечката свест и совест.

Повеќе не било битно кој на која нација и припаѓа, која политичка идеологија ја следи и на кој бог му се моли. Не било битно ниту тоа дали давањето поддршка ќе биде од интерес или не на конкретната држава. Обединетите нации го активирале системот за поддршка и донеле Резолуција за давање помош при реконструкцијата на Скопје. Тоа бил ден за Скопје и ден кој што остана забележан во аналите на Обединетите нации. Скопје ги спои околу една цел луѓето, институциите, меѓународните организации и воопшто човештвото. Тоа го стави Скопје на пиедесталот како град – симбол на солидарноста, епитет на кој што сите ние се сеќаваме со должна почит, затоа што во секој агол на овој убав град наидуваме на дело кое е потсетник на интернационалната солидарност и потсетник за сите нас за тоа колку сме слаби и немоќни кога сме сами. Потсетник за тоа колку значи подадена рака, понудена помош, топло засолнште и оброк во време кога си изгубил сѐ и си останал сосема сам со својот гол живот,” изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери.

“Затоа е важно да се одбележи денов, за да не се заборави, за да  биде водилка низ нашето созревање како држава, колку и да сме мали, и наше облагородување како човечки суштества. Ниту природните катастрофи ќе престанат да се случуваат, ниту пак несреќите предизвикани од човечката несовесност ќе престанат да бидат причина за  губење на драгоцени животи и за настанувањето на непроценливи материјални штети. Ја имаме моќта и знаењето да можеме да ги увидиме позитивните страни на сплотеноста и единството кон добра цел, благо пријатното чувство на помагање на немоќните. Имавме можност досега да се увериме во бројни прилики. И тогаш кога се случија разорните земјотреси во Турција, Сирија, претходно во Хрватска, Албанија.

Природните катастрофи се случуваат во разни облици. Пожарите беснеат и уништуваат огромни површини на земјината топка. Поплавите го земаат постојано својот данок поради неодговорноста на луѓето. Ураганите, цунамите земаат сѐ пред себе и оставаат пустош од сништа и неостварени желби поради насилно изгубени животи. И, згора на сѐ, светот се соочи и со пандемијата на корона, која го покажа своето грдо лице во секој аспект. Потклекнаа економски, здравствени системи. Човештвото падна на колена. И повторно, солидарноста, соработката и сплотеноста околу крајната цел, придонесе во намалување на ефектот на короната.

Успеавме, затоа што бевме заедно! И, ќе продолжиме да бидеме и понатака градот на солидарноста, градот кој што никна од пепелта и стана споменик на хуманоста!

Да не се повтори никогаш! За многу среќни моменти во нашето убаво Скопје!” – додаде Џафери.