Џафери изјави дека нема да се кандидира на претседателските избори

Сподели

Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите изјави дека нема да се кандидира на претстојните претседателски избори и дека тој ќе остане претседател во Собранието.

Што се однесува до идејата Собранието да бира шеф на државата, Џафери рече дека за тоа треба да се одлучни сите парламентарни групи, а доколку има консензус ќе треба да се изгласа измена на Уставот со која законски би се уредил неговиот избор.

Џафери верува дека прашањето за уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа ќе затворено до средината на јануари, а тоа ќе отвори можност законот за ратификација на договорот, заедно со оној за употребата на јазиците да биде испратен во службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов.

– Седницата за уставните измени е свикана за 9 јануари. Очекувањата се до 15 јануари да биде завршена целата постапка и да бидат усвоени амандманите. Ако се раководиме од искуството дебатата не би требало да трае повеќе од пет – шест денови. Но, онака како што е најавено, неприсуството на опозицијата остава можност и таа да заврши и побрзо. Во секој случај тоа прашање ќе биде затворено до средината на јануари. Со тоа се отвора патот двата закони да одат во службен весник – изјави денеска Џафери.

Во врска со одбивањето на Иванов да ги потпише овие два закони, Џафери вели дека тој има обврска тоа да го направи, бидејќи, како што потенцира волјата на Собранието, не може да се попречи и тоа ќе се реализира.

– Тоа ќе се случи кога ќе ги пратам во Службен весник. Мој потпис има. Тоа е одлука – вели собранискиот спикер.

Во врска со иницијативата за закон за пратенички привилегии, Џафери вели дека не може да коментира додека не го види текстот на законот.

– Не може некој да биде пратеник четири години, а потоа да брка по контејнери – вели тој и додава дека во голем број земји во светот, со законско решение бил уреден статусот на пратениците по истекот на мандатот.

Изминатата година, според него поминала според зацртаната агенда, а Собранието си ја завршило работата за која што е надлежно.