Претседателот на Владата Талат Џафери, изврши увид на работните активности на делницата Катланово – Петровец. Ова е делница од Коридорот 10 и претставува значајна патна и транзитна врска за нашата земја.
Во својата изјава од увидот, премиерот Џафери наведе дека се работи за „Делница на автопатот која е во должина од околу 11 километри и е инвестиција во вредност од околу 10,5 милиони евра, која според известувањето на надзорниот орган би требало да е готова во предвидениот рок. Имајќи го предвид она што го гледаме од интензитетот на работа, нема причина да не верувам дека ќе биде готов, но останува на одговорност на изведувачите на работите и на надзорот да тоа го спроведат спрема договореното”.
Со реконструкцијата на автопатската делница А1 Катланово-Петровец, ќе се подигне нивото на безбедноста на учесниците во сообраќајот. Се рехабилитираат околу десетина километри на левиот и десниот коловоз, со проширување со уште една лента, со што ќе се добие автопатска делница по сите прифатени сообраќајни стандарди. Ваквата модерна патна инфраструктура, отвора нови можности за пристап до нови пазари и за нови инвестиции. Се овозможуваат нови соработки меѓу домашните но и со меѓународните компании, а што е многу важно за нашето стопанство, со помалку трошоци за транспорт.