Џафери на VI регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа

Сподели

 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во соработка и под покровителство на Мисијата на ОБСЕ во Скопје денеска ја организира „Шестата регионална конференција на телата за еднаквост на Југоисточна Европа“.  

На конференцијата присуствуваа претставници на телата за еднаквост на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Словенија, Србија и Хрватска, претставници на други национални институции, организации и експерти кои работат во областа на еднаквоста и недискриминацијата, амбасадори и министри.

 

 

Конференцијата ја отвори претседателот на Собранието Талат Џафери.

“Прашањето што ќе се разгледува и за кое ќе се вкрстуваат мислења, ќе се споделуваат искуства и ќе се даваат се надевам корисни и спроведливи предлози и решенија е еднаквоста и недискриминацијата. Дискриминацијата е предизвик пред кој што може да се најде секој еден поединец, во секоја можна животна ситуација и сфера при што, може да биде и во улога на директен, индиректен дискриминатор кој вознемирува по пат на повикување, поттикнување или инструирање на дискриминација или пак да биде во улога на дискриминиран. Која и да е улогата, секако не е завидна. Како за поединецот што ја трпи на своја кожа таа сегрегација, така и за вршителот кој што кога тогаш, ќе треба да се соочи со монструозноста на своите постапки и да живее со последиците од предизвиканата лавина. Под услов, се разбира, секоја алка од синџирот на општествена одговорност, правна заштита, судска ефикасност и транспарентност да функционира беспрекорно. Под услов, се разбира, семејните вредности и воспитание, образовниот систем, непристрасните и професионални медиуми да го дадат својот вреден и моќен придонес во подигнувањето на јавната свест за постоењето на ова зло, за негово дефинирање, препознавање и пријавување до казнување.

Токму затоа е многу важна улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која е основана со Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година, како самостоен и независен орган кој ќе работи на промоција, заштита и одржување на еднаквоста, човековите права и недискриминацијата. Фактот што е релативно нова институција која мораше да се справи со почетните предизвици на етаблирање во државниот правен апарат во исто време им понуди и единствена можност да при градењето на институцијата промовираат нов пристап во своето работење и извршување на законските надлежности, како предводник на позитивните општествени промени кои ќе водат на крај кон суштествена еднаквост, почитувани човекови права со ефикасна заштита од сите видови дискриминација.

 

 

Да бидеме начисто, знам дека сите би сакале да бидеме дел од зрело, човечно, хумано, еднакво, правично општество во кое никој нема да се почувствува дека е помалку вреден, помалку важен и небитен дел од општествениот живот на една земја, меѓутоа за жал, реалноста која што ја гледаме, за која што читаме и слушаме секојдневно, не удира како алармно ѕвоно во слепоочниците и ни го потврдува токму спротивното. Односно, и во ова време на напредок, на можности, на ресурси и откритија, човекот, луѓето, знаат да бидат и тоа како сурови, неправедни, интолерантни, неразумни и над сè, нехумани кон другите човечки суштества. Само затоа што се различни по кој било основ. Било да се работи за припадност на маргинализирана група, пол, сексуална ориентација, родов идентитет, лично својство и општествен статус, или пак национална или етничка припадност, религија или верско убедување, политичко уверување, попреченост, возраст, имотен статус, образование, семејна или брачна состојба, здравствена состојба, социјално потекло. И, неслучајно ги кажав по овој редослед можните субјекти и состојби за дискриминација. Имено, таа слика и подредување се добива од бројот на поднесени претставки прикажани во кварталниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како единствено тело од овој вид, основано од Собранието на Република Северна Македонија. Таквата слика ја стекнуваме и од годишниот извештај на Комисијата за 2021 година, што е веројатно делумен приказ на вистинската и сурова слика на терен. Затоа што сум убеден дека не секој поединец кој што бил жртва на дискриминација презел и нешто конкретно како поднесување на претставка и пријавување на овие појави.

Токму тука ја гледам и најсоодветната, превентивна улога што може да ја игра Комисијата согласно новите, проширени надлежности, односно информирањето, едукацијата и подигањето на свеста како најдобар начин за спречување на дискриминацијата. Ја знаете онаа старата, добро позната поговорка која гласи, „Подобро да се спречи отколку да се лечи?“ Јас верувам во неа! Верувам дека зборувањето и информирањето за дискриминацијата, едукацијата, сознанието и во исто време, прифаќањето и почитувањето на различностите е клучот кон вистински хумано, демократско и напредно општество во кое никој никогаш веќе нема да се чувствува дека е помалку вреден.

Таа борба не ја води само едно тело. Таа борба треба да ја водиме сите кои сме дел од ова општество, во секој домен од нашето делување и влијание. Од најраните, семејни средини, преку образованието, медиумите, работните средини, на улица. Секако, и во овој домен, суштинска е и улогата на законодавниот дом и пратеничкиот легитимитет кој е цврстата основа врз која се заснова и Законот за спречување и заштита од дискриминација, меѓутоа, уште поважно е спроведувањето на истиот во реалниот живот и ситуации, со доследно извршување и на казнените одредби.

Сите ние, без исклучок треба да бидеме чувари на човековите права и слободи и да овозможиме слободен, рамноправен и достоинствен живот и услови за функционирање за секој еден поединец на нашата заедница. За тоа е клучна меѓу-институционалната соработка, меѓутоа и стекнувањето и применувањето на меѓународните искуства на поискусните и потврдени демократии. Јас ви посакувам успех во вашиот пат кон намалување и конечно искоренување на дискриминацијата и сегрегацијата, се обрати спикерот Џафери.