Џафери: НАТО и ЕУ, стратешки цели од кои не отстапивме ниту пред најголемите предизвици

Сподели

 

Пред официјалниот почеток на годишната Конференција на претседатели на парламенти на земјите членки на ЕУ која се одржува во Прага на 24 и 25 април 2023 година, Милош Вистрчил, претседателот на Сенатот и Маркета Пекарова Адамова, претседателката на Домот на пратеници на Чешката Република, одржаа работна средба со претседателите на парламентите на земјите кандидати за членство, кои исто така учествуваат на конференцијата. На средбата, покрај претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, присутни беа и Денис Звиздиќ, претседател на Претставничкиот дом на Босна и Херцеговина, Игор Гросу, претседател на Парламентот на Молдавија, Владимир Орлиќ, претседател на Народното собрание на Србија, Руслан Стефанчук, претседател на Парламентот на Украина и Агрон Ѓекмаркај, потпретседател на Парламентот на Албанија.

 

 

Темата на состанокот беше националните парламенти на патот кон ЕУ, интеграцијата во ЕУ и приоритетните области за земјите кандидати. Претседателите споделија искуства на своите односни земји во однос на евроинтеграциите и предизвиците со кои се соочуваат на нивниот пат. Заедничка беше констатацијата дека, иако се наоѓаат во различни фази на евроинтеграцискиот процес, државите треба да се оценуваат според сопствените заслуги, процесот да содржи јасни услови, преговорите да не траат предолго и методологијата да не се менува постојано. Исто така, соговорниците се согласија дека процесот мора да се забрза, бидејќи иднината на Унијата и нејзината безбедност зависат од проширувањето.

 

 

Претседателот Џафери даде краток осврт на евронтеграцискиот пат на Република Северна Македонија, информираше за текот на скрининг процесот и изрази очекување дека во 2023 година ќе се случат сите посакувани и потребни промени и напредок на државата кон ЕУ, пред сѐ поради придобивките за граѓаните. Тој нагласи дека геополитичките промени на европскиот континент, како резултат на воената агресија од страна на Русија врз Украина, само потврдуваат дека политиката на проширување останува најдобрата алатка за стабилност, солидарност и одржливост.

 

Поздравувајќи го доделувањето на кандидатски статус на Украина и Молдавија, претседателот Џафери нагласи дека јасната европска перспектива на земјите од Западен Балкан, преку предвидливи и забрзани процеси на интеграција се од голем интерес за Унијата од политички, безбедносен и економски аспект, а неоправданото одложување на процесот на пристапување би можело да го доведе во прашање угледот на ЕУ како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка улога.