Правниот дел не беше исполнет до крај, бидејќи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања немаше предлог-одлука. Јас се повикувам од процедурите, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифингот за новинари на прашањето, зошто не покренал гласање за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски кој е обвинет за организирање на упадот во Собранието на 27 април.
-Мене ми беше должност да свикам седница, бидејќи претседателот на Комисијата поднесе извештај. Не е моја надлежност да ценам што има во извештајот и дали гласањето во Комисијата било изедначено– вели Џафери кој вчера го известил судот дека не биле создадени услови за одземање на имунитетот на Вељаноски.
Седницата, според собранискиот спикер, била прекината поради однесувањето на дел од пратениците. Тој потенцира дека не можат пратениците да го предводат него, туку тој ги предводи нив.
На констатацијата од новинарите дека собранискиот спикер го заштитил Вељаноски, тој вели дека тој во своето работење не внесува чувства дури и да има многу причини за тоа туку е должен да го штити интегритетот на институцијата.
На прашањето дали Собранието ќе биде одговорно доколку Вељаноски побегне надвор од државата, Џафери рече дека според законите одговорноста за такво нешто е кај Судот кој треба да ги обезбеди лицата во постапката.
Собранискиот спикер вели дека во случајот со одземањето на имунитетот на пратеникот Љупчо Димовски, мнозинството кое требало да обезбеди 61 глас „за“ немало доволно пратеници иако постоел кворум за одржување на седницата.
-Јас сум надлежен да обезбедам кворум за седница, но го преставувам мнозинството и водам сметка за неговите интереси – додава Џафери.