Ја добивме 10-та препорака за почеток на преговори, ако треба да ја очекуваме и 11-та препорака од Европската комисија следната година, нема да имам лице да зборувам пред мојот народ за европските перспективи на земјата. Ако не ги започнеме пристапните преговори оваа година, тоа за мене значи дека не постои европска перспектива, по сето она што го постигнавме за две години.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на панел-дискусијата во Стокхолм, посветена на случувањата во земјите од Западен Балкан со фокус на ЕУ-перспективата.
„Во регион со толку богата историја ние успеавме да произведеме малку иднина, а двата наратива се компетитивни, едниот е за европската иднина и за работи кои се важни денес: здравство, образование, медиумски слободи, повеќе работни места и пристојни плати. Другиот е натпреварот за тоа кој е најстар, кој е поголема жртва, кој има повеќе непријатели, кој има повеќе славни победи или порази во минатото, но сето тоа се користи како параван да се сокрие злоупотреба на власта и корупцијата. Затоа големото прашање за Европа е, што да правиме со овој регион и дали да испорачаме кога земјите ќе испорачаат. Овој процес не е еднонасочна улица, и сметам дека не ни се потребни скратени патишта, но кога земјите ќе испорачаат, Европа мора да испорача исто така, бидејќи во спротивно, нема да имаме процес“, рече Димитров.
Тој додаде дека „ако Европа не успее да го препознае прогресот што го направивме само за да се започне патувањето и ако по одложувањето на одлуката во јуни 2018 година, и јуни годинава, во октомври има ново одложување и Европскиот совет каже „не“, треба да признаеме дека не постои европска перспектива.“