Димитров: Добрите вести од Шпанија се реалност во март

Сподели

 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес престојува во работна посета на Кралството Шпанија, на покана на Аранча Гонзалес Лаја, министерка за надворешни работи, ЕУ и за соработка.

 

На средбата со својот домаќин, МНР Димитров беше информиран дека ратификацијата на Пристапниот протокол е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и дека се очекува утре да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следената недела  ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март оваа година.

 

 

Министрите Димитров и Гонзалес Лаја разговараа и за ЕУ перспективите на нашиот регион, во светло на новата методологија на ЕК за пристапни преговори. Беше изразено очекување дека во март ќе бидат валоризирани севкупните постигнувања и реформски активности на Северна Македонија со што конечно ќе биде донесена позитивна одлука за започнување на пристапните преговори со Европската Унија. МНР Лаја ја реафирмираше шпанската поддршка за Северна Македонија.

 МНР Димитров: „Посетата на Шпанија после подолго време на ниво на МНР се случува во вистинскиот момент, кога од обете страни се очекуваат добри вести. Водејќи се од мислата на Сервантес „Да се биде подготвен, значи половина победа”, убеден сум дека ние сме подготвени, а Шпанија ќе биде дел од заедничката победа и успешните вести од нашиот регион.”

 

https://youtu.be/zcv6MAr7TRM

 

Министрите се осврнаа и на заедничката соработка во меѓународните организации, а разменија мислења и за повеќе актуелни прашања од Регионот и светот. Беше истакната важноста од натамошно динамизирање и продлабочување на одличните билатерални односи, со заемна заложба за јакнење на пријателските врски меѓу двете држави.

 Во рамки на посетата, министерот Димитров оствари средба и со претседателката на Долниот дом на шпанскиот Парламент Маричел Батет, која му ја претстави очекуваната временска рамка за процесот на ратификација.

 МНР Димитров: „Забрзаната постапка за заокружување на нашето членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент е потврда за силната волја на Шпанија да и’ помогне на Северна Македонија за конечно остварување на стратешките цели. Добрите вести од Шпанија се реалност во март, веројатно најзначајниот месец во календарот на нашите успеси”.