Димитров: Немам целосна доверба во министерот Османи – бара решение со Бугарија по секоја цена

Сподели

 

Никола Димитров денеска на прес-конференција изјави дека во последната година водел внатрешни битки, дека добивал понуди да биде Амбасадор најпрво во САД, а потоа на било кое друго место, за да го нема во земјава и да не ги застапува своите ставови околу спорот со Бугарија.

Димитров рече дека нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи, поради тоа што по секоја цена преговара за решение со Бугарија.

„Да, немам целосно доверба во министерот за надворешни работи, доскорашен колега, со оглед на моето искуство и на интерните координации и контактите со ЕУ, и претсетавници на Европските институции во Брисел. Имам чувство дека таму има „драјв“ за успех по секоја цена, и мислам дека не е добро. Можеби и грешам и се надевам дека грешам“, рече Димитров.

Мислам дека моја граѓанска должност како човек што со години работи на оваа кауза е да бидам буден и да го следам процесот и јавно и гласно ќе алармирам тогаш кога мислам дека работите одат во лош правец. Во ситуација кога сме на кристално јасни принципи, нашите позиции се сосема логични од 21 век во Европа, во ситуација кога 26 земји членки од 27 на ЕУ целосно ги разбираат нашите позиции и во ситуација кога и за самата Бугарија, убеден сум, чепкањето во македонскиот идентитет е контрапродуктивно и за македонско-бугарското пријателство и за улогата на Бугарија во регионот и за перцепцијата на Бугарија визави нивните важни партнерства како што се земјите членки на ЕУ или во НАТО, САД, рече Димитров.