Димитров: Со одлуката за старт на преговори со ЕУ, С.Македонија оствари стратешка цел

Сподели

 

Во рамките на последниот настан од Претседавањето на Приштина со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), денес министерот за надворешни работи Никола Димитров преку видео-конференција учествуваше на годишниот состанок на ниво на министри за надворешни работи.

 

 

МНР Димитров: „ПСИЈЕ е цврсто вкотвен во евроинтегративните аспирации на сите земји партнери која како една од најстарите регионални иницијативи досега дала голем придонес за обезбедување на мир, стабилност и економски просперитет во Југоисточна Европа. Со, по многу параметри, историската одлука од март оваа година, Северна Македонија  оствари уште една своја стратешка цел и со подготвеност и амбиција го очекува конкретното  отворање на  пристапните преговори.“

Фокусот на дискусиите беше насочен кон изнаоѓање на начини за интензивирање на регионалната соработка во време кога Европа и светот се соочуваат со последиците од КОВИД-19 пандемијата, како и кон приоритетите посветени на воспоставување поголема поврзаност на регионот, младината и нејзиното значење во општествата и зачувувањето на културното наследство.

На состанокот  се потврди посветеноста на земјите од ПСИЈЕ кон унапредување на регионалната соработка преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни европски вредности.

Покрај хомолозите, на видео-конференцијата учество земаа и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји и Мелинда Брегу, генералниот секретар на Советот за регионална соработка.