Ги спремаш сите зборови кои би ми кажал
Долго и полека
Како момче кое за венчавка се спрема
Со онаа која долго, многу долго ја чекал
Та не сака ниту случајно нешто да изуми
Нешто да остане некажано
Небаре секој заборавен збор ќе тежи ко планина
И еве
Ги спремаш ко дечиња за на училиште
Измиени, исчешлани, убаво облечени
Наредени во низа која треба којзнае што да ми каже
Твоите зборови
Кои мене ништо не ми значат
Та си велам
Ајде да помолчиме малку
Еден наспроти друг некаде да седнеме
И во очи да си пулиме
Одмори си ги зборовите
Ќе ти се најдат за некое друго време
За некоја друга љубов
За некој друг ти
Со некоја друга јас
Еве со мене, сега и овде молчи
Сакаш можеби да пробаме мислите да си ги читаме
И на хартивчиња да си ги запишуваме
А потем ливчињата да си ги смениме
И крадешкум за секоја погодена мисла
Кришум да се погледнуваме
Со страв и страст
Со чудење и препознатливост
За која одговори нема да бараме
Остави ги зборовите
Тие и онака еден ден ќе избледат
И никој на нив нема да се сеќава
Но секојпат ќе ти го помнам сјајот во очите
Дур си ме гледал како косата ја подместувам
Или како срцето ми биело дур ти цигарата ја палиш
Остави ги зборовите
Јас барем во нив среќа не сум нашла
А не верувам ни дека ти посреќен со нив ќе си
Тие мед и пелин се
Лек и отров за нашите и онака кршливи срца
Еве ако сакаш со допири ќе се лечиме
Доволно е твојот најмал прст воздушесто мојот да го допира
За да се чувствувам ко во мене да си
И како во вратот ми дишеш
Сосем доволно за ноктите на грбот да ми ги сетиш
И постелата на мене да ти мириса
Остави ги зборовите кои со векови ги токмиш
Проголтај ги и никогаш не ги изговарај
Налет да се
Само празни гласови се
Слогови и слогови кои ништо за тебе не ми говорат
Букви кои за мене ништо не ќе ти речат
Со очите зборувај ми
Со нив кажи ми го она
Што зборовите секогаш го премолчуваат
Со нив слечи ме и љуби ме
А потем нежно облечи ме
Оти надвор зима ќе фати
Еве, дојди
Дојди да молчиме
Дојди за љубовта да си помолчиме
И така молчејќи еден цел роман да напишеме
Дојди ми
Дојди…да си молчиме