Државниот архив и општина Крушево во чест на Илинден првпат ќе презентираат документи и фотографии од илинденскиот период, кои ја потврдуваат бескомпромисната борба на македонскиот народ за создавање на својата сопствена држава.
Ќе бидат прикажани документи од архивските фондови како: „Околиска управа –Прилеп (1869 – 1912)“, „Општинска управа – Прилеп (1869 – 1912)“, „Катастарска управа – Прилеп“, „Финансиска управа – Прилеп“, „Таписка управа – Прилеп“, „Збирки турски документи – фермани, берати, вакафнами, бујурулдии“, „Гоце Делчев“, „Никола Киров – Мајски“, „Јордан Грабуловски“, „Бугарско трговско агентство“ – микрофилмови и др. Сите тие ги даваат одговорите на прашањата за: административното уредување и измените во административните структури; политичкиот живот и уредувањето; животот на христијанските и муслиманските поданици; социјалниот живот, демографските податоци, пописи, даноци; оружената борба и Тајната македонско-одринска организација со нејзиниот растеж, страдањата во Македонија, Илинденското востание итн.
Настанот со видео-презентација ќе се одржи во Крушево на 1 август во 20:00 часот, на кој ќе присуствува и ќе се обрати до присутните и директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.