Зелената партија ДОМ ќе биде домаќин на следниот Совет на Европските зелени, кој ќе се одржи во Скопје, во мај идната година. Со оваа одлука, Европските зелени и оддаваат посебно признание на македонската зелена партија ДОМ за заложбите и активностите за развој на зелените вредности.
Европските зелени на 30-от Совет што се одржа овој викенд во Финска, усвоија итна Резолуција за поддршка за отпочнување пристапни преговори на С.Македонија и Албанија со ЕУ. Во Резолуцијата се истакнува: „Северна Македонија вложи исклучителни напори за да ја отвори вратата кон Европа, со склучувањето на билатералните договори со Бугарија, а особено со историскиот Преспански договор со Грција. Земјата направи исклучително тешки и истовремено многу храбри чекори за да се надмине децениската блокада и безизлезност. Но, Европскиот совет направи страшно предавство спрема земјата, наместо да ги награди овие напори. Франција, Данска и Холандија ја блокираа Албанија, а само Франција ја блокираше Северна Македонија. Со овие одлуки е направена грешка со историски димензии. Ги повикуваме нашите членки – зелените партии во Холандија, Франција и Данска, да извршат влијание врз нивните Влади да не ги блокираат пристапните преговори.
Во Резолуцијата се потенцира: „Европските Зелени не го прифаќаат ова „статус кво“. Ние ги поддржуваме напорите на нашите партнери во Северна Македонија и Албанија за вклучување на земјите во европското семејство на нации, а особено ги цениме напорите на нашите членки Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во Северна Македонија и Partia e Gjelbër во Албанија. Ја повторуваме и истакнуваме нашата цврста решеност да се повлече ветото што ги затвори вратите за овие две земји. Европските Зелени го повикуваат Европскиот совет уште пред Самитот во Загреб во мај во 2020 година, да се наврати на темата за проширувањето, а негативните одлуки да бидат повлечени.“
На Советот беше избрано новото раководство на Европските зелени. Од вкупно девет членови на Комитетот, шест се жени. Нови ко-претседавачи се Evelyn Huytebroeck I Thomas Waitz, а за генерален секретар повторно беше избрана, Mar Garcia Sanz.