Лидерите на Зелената партија ДОМ, Маја Морачанин и на ЛДП, Горан Милевски во Битола го промовираа своето коалицирање за претстојните локални избори наречено – Граѓанско движење на Центарот, со мотото „Излези од маглата“.
Во своето обраќање пред големиот број битолчани, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин нагласи дека и ДОМ и ЛДП се прогресивни партии кои имаат јасно профилирани заеднички вредности – ДОМ како Зелена партија и ЛДП со либерално-демократски ставови, кои во своето политичко дејствување секогаш се фокусирани да ги бранат интересите на граѓаните. Така е и сега со заедничкиот настап на локалните избори, кога акцентот ќе биде ставен врз локалните проблеми на граѓаните, особено оние што се поврзани со здравата животна средина, со еколошките проекти за обновливи извори на енергија и развојот на екотуризам и рурален туризам.
Во своето обраќање, лидерот на ЛДП, Горан Милевски рече дека Граѓанското движење на Центарот нуди нови визии и конкретни проекти за решавање на проблемите во Битола за наредните 10 години. Притоа тој подвлече дека ќе се донесе и стратегија за подобрување на сите сегменти на животот во градот и околните места што ќе го спречи иселувањето на младите.
На многубројните битолчани, кои покажаа голем интерес за новото Граѓанско движење на Центарот, им се обратија и Јасмина Диневска, активистка на Зелената партија ДОМ и Валентин Груевски, претседател на Советот на град Битола.