ДОМ на Совет на Европските зелени – За подобра и поправедна зелена иднина

Сподели

 

 

Европската зелена партија од 25 до 29 мај го одржа он-лајн, 33-тиот Совет на европските зелени, на кој активно учество имаше и поширокото раководство на Зелената партија ДОМ. Делегатите на европските зелени партии, активистите и поддржувачите на зелените политики на собирот разменија мислења околу изнаоѓањето ефикасни решенија за повеќе актуелни проблеми и прашања поврзани, пред се, со перспективите и унапредувањето на заедничката зелена иднина и справувањето со климатските промени.

На Советот, покрај претседателите на европските зелени партии и копретседавачот на Европската зелена партија, Томас Вајс, активно учество имаа и генералната секретарка, Мар Гарсија, вицепремиерката на Белгија, Петра де Сутер, како и пратеничката на Зелените во Бундестагот, Аналена Баербок, која што на претстојните избори во септември ќе биде кандидатка на германските Зелени за канцеларка на Германија.

Како делегат од зелената партија ДОМ, претседателката Маја Морачанин учествуваше во сесијата за гласање на која се усвоија 11 резолуции: За иднината на Европа, За транснационални листи, Согласноста е секси, Европската унија апелира Кина со својата политика да ги поддржи човековите права и меѓународното владеење на правото, Четиридневна работна недела – за позелена, еднаква и поправедна Европа, Фер дистрибуција и глобален пристап до COVID вакцини, Стратегија „од фарма до вилушка“ која е во интерес на луѓето и планетата, Одржливи капацитети за закрепнување и обнова- за зелена и праведна транзиција, 2021 – година на железниците – за зелен железнички сообраќај, За “Smart city” – паметни градови, За одбрана на нашите основни права во поглед на биометрискиот надзор на јавни места во Европа.