„Доколку се направи пресек на соработката меѓу МВР и Мисијата на ОБСЕ во нашата земја, тогаш без никаква дилема можеме да констатираме дека таа е доказ за успешно, повеќегодишно и интензивно партнерство, во коешто заедно минавме многу фази во реформскиот развој на македонската полиција“, рече министерот Оливер Спасовски на денешното предавање на донацијата во опрема од ОБСЕ во Центарот за обука на МВР. Вкупната вредност на донацијата е околу 44.000 евра.
„Денешнава донација за потребите на организационите единици при МВР не е прва, а верувам – ни последна во нашето партнерско портфолио. Всушност ние заедно направивме и правиме многу значајни чекори во стандардизирањето, професионалната надградба и развој на полициската служба. Наша визија е да воспоставиме систем што целосно ќе биде втемелен врз легалистичките принципи на работа и постапување, градење вредности што ќе ја реафирмираат улогата и местото на полицијата во системот, во општеството, во локалните средини, меѓу граѓаните. За таа цел, убеден сум дека еден од клучните партнери меѓу другите е токму и мисијата на ОБСЕ, со сето свое искуство и професионален бекграунд, особено во поглед на полициското работење, на полициските процедури и стандарди на постапување“, рече Спасовски.
Амбасадорката Нина Сумалаинен истакна дека долги години Мисијата на ОБСЕ го поддржува МВР во зајакнување на институционалните капацитети. „Ние како мисија презедовме и неколку иницијативи за приближување на полицијата кон граѓаните. Во тој поглед би ги споменала канцелариите за прием. Тоа е првото нешто што граѓаните го гледаат при влез во полициската станица. Мисијата на ОБСЕ го поддржа опремувањето на четири канцеларии во полициските станици во Охрид, Тетово, Бит Пазар и Куманово“, рече амбасадорката Сумалаинен.