“Допир” лажна хуманитарна фондација – излажале голем број на граѓани и фирми

Сподели

МВР денеска објави дека се поднесени кривични пријави за две лица, за измама на над 50.000 евра донирани пари.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против  М.Ш. (53) и А.Ш. (49) поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – “компјутерска измама“ по чл.251-б од КЗ на РСМ.

Имено, пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист формирале Фондација “Допир“ и креирале веб страна https://bidihumansega.mk/ која активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести.

Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, утврдено е дека регистрант на веб страната https://bidihumansega.mk/ е лицето М.Ш., кој и воедно е претседател на Фондацијата. 

Со лажни и фиктивни  профили на дечиња кои наводно поради тешката и ретка болест имаат потреба од финансиски средства за лекување во странство, фондацијата Допир, преку веб страната Биди хуман сега, излажале голем број на граѓани и фирми.

Основачите на Допир кои биле брат и сестра, заработија кривична пријава од МВР за комјутерска измама. Полицијата им ја замрзна сметката на која собрале повеќе од 3,5 милиони денари, од кои наместо за болни лица ги користеле за лични потреби. 

“Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика изврши низа проверки, меѓу другото и околу тоа дали лицата, односно корисниците на веб страната за кои се собираат донации, евидираат во системот на Министерството за внатрешни работи и притоа констатирано е дека поголемиот дел од корисниците не постојат, односно креирани се измислени, лажни, фиктивни профили преку кои веб страницата собирала донации и парични средства, – изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Лажната хуманитарна фондација парите за донации ги собирала само со картичка или уплата на жиро сметка. На нивната веб страна дури ги објавуваат и донаторите кои успеале да ги измамат со итната финансиска помош за болни дечиња од ретки болести. Но кога ќе ја отворите страната на Допир, не е наведена ниту една дијагноза на болниот, ниту пак во која болница во странство треба да продолжи лекувањето. За да ги придобијат граѓаните нивни пораки се споделуваат на сите социјални мрежи.

Хуманите граѓани и компании кои донирале средства се поставени на страната на фондацијата со сумата која ја дале, а извори од истрагата потврдија дека токму оттаму и дошла пријава за измамниците.