НУ Драмски театар, Скопје, на 27 април, денот на роденденот на драмскиот автор Горан Стефановски, ја востанови наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30-годишна возраст кој ќе се избира по пат на јавен конкурс. Преку овој чин се оддава почит и се чува споменот за Горан Стефановски и неговата улога во развојот на македонската драматургија и театар, и воедно се проширува заложбата на Драмскиот театар за афирмација на македонските млади автори и македонското драмско писмо. Стефановски како млад драмски автор со драмските дела „Јане Задрогаз“ и „Диво месо“ во соработка со ДТС постигна успеси за паметење. За временската рамка во која ќе се одвива конкурсот и пропозициите од истиот, јавноста ќе биде дополнително информирана.
Драмскиот театар-Скопје ќе партиципира и во Фондацијата „Горан Стефановски“ основана со одлука на УКИМ на иницијатива на Факултетот за драмски уметности, а ќе земе и активно учество во реализацијата на програмските активности.