Криминалните групи продолжуваат да шверцуваат и продаваат кокаин од Латинска Америка во Европа и покрај последиците од крвавата војна и разоткривањето на шифрираната апликација „Скај“ (Sky). Дали апликацијата „Скај“ стави крај на војната помеѓу клановите?
Милан Радуловиќ (51), од Краљево, познат како Миле Капетан, бил киднапиран и подоцна убиен во Црна Гора. Станува збор за човек кој бил на висока позиција во таканаречениот „шкаљарски“ клан и бил организатор на убиства на противничкиот клан во Србија.
Црногорското обвинителство работи под сомнение дека Радуловиќ бил киднапиран во октомври минатата година, на територијата на црногорската општина Даниловград (во близина на Подгорица). Наводните водачи на противничкиот „кавачки“ клан, Слободан Кашчелан и Игор Божовиќ, се осомничени за киднапирање. „Кавчаните“ го искористиле Радуловиќ за да намамат и убијат повеќе членови на „шкаљарскиот“ клан. Клановите ги добиле имињата по две села во близина на црногорскиот пристанишен град Котор – Кавач и Шкаљари.
Тоа е само едно од педесетте убиства извршени помеѓу двата противнички клана. Многу од убиствата останале нерешени, а голем број луѓе се воделе како „исчезнати“. Меѓутоа, американските и европските служби успеаја да ја пробијат шифрираната апликација „Скај“, по што се одмота клопчето на криминал. На површина испливаа фотографии од убиства на криминалци, имиња на корумпирани полицајци и одредени информации за шверц на опојни дроги.
Што е апликацијата „Скај“?
Дешифрирањето на апликацијата „Скај“ откри бројни злосторства извршени или планирани од членови на противничките кланови. Преку оваа заштитена апликација, криминалците разменувале пораки, планови, па дури и фотографии од злосторствата што ги направиле или планирале. Убиството на Радуловиќ е последно во низата.
Црногорското обвинителство соопшти дека е во тек уште една истрага за дешифрираните преписки испратени од меѓународни истражни органи. Станува збор за апликација слична на „Viber“ или „WhatsApp“, само што корисниците сметале дека е заштитена. Затоа преку неа разговарале отворено за речиси сите криминални дејствија.
Криминалците од Балканот очигледно имале голема доверба во апликацијата, па преку неа си разменувале пораки, како обични пораки на телефон. За шифрите на нивната апликација наводно плаќале неколку илјади евра на канадската компанија „Скај Глобал“. Меѓутоа, американското биро за истраги (ФБИ) ја запленило веб-страницата и ги уапсило директорите на компанијата на почетокот на минатата година. Уредите на компанијата се „посебно дизајнирани да ја спречат полицијата активно да ја следи комуникацијата помеѓу членовите на транснационални криминални организации“, се вели во обвинението на САД против директорот на компанијата.
Од друга страна, овој случај покажува колку напредокот на технологијата им оди во полза и на луѓето кои се бават со криминал, а не само во полза на државите.
Обвинителството во Сан Диего покрена обвинение против шефовите на компанијата чие седиште е во Ванкувер за „свесно и намерно учество во криминално дејствие што го олеснило увозот и дистрибуцијата на дроги, со помош на шифрирани комуникациски уреди на компанијата, создавајќи профит од стотици милиони долари“.
Запленувањето на веб-страницата на компанијата „Скај Глобал“ доведе до апсење на стотици криминалци ширум светот, а по дешифрирањето на апликацијата беа уапсени голем број членови на „шкаљарскиот“ и на „кавачкиот“ клан. Криминалците од Србија и Црна Гора се допишувале преку шифрирани имиња, но не ги криеле своите намери и постапки.
Истрагите беа означени како тајни сè до поднесување на обвинението. Одбраната смета дека самата преписка не може да служи како доказ во судот, бидејќи се базира на пораки на некои лица кои пишувале под шифрирани имиња. Доказните материјали, пак, не биле запленети од црногорските истражни органи, туку биле испратени од друга држава.
Она што е сигурно е дека дешифрираната преписка на „Скај“ го открила размерот на злосторствата на двете криминални групи. Околу 50 лица, главно црногорски државјани, се убиени во судирите помеѓу криминалните групи во 2015 година. Убиствата се случиле во Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и ширум Европа.
Многумина претпоставуваат дека војната е завршена, бидејќи речиси никој не останал да се бори. Повеќето од водачите на таканаречениот „шкаљарски“ клан се ликвидирани, додека „кавчаните“ се во затвор или во бегство. Сепак, бизнисот со шверц на кокаин, со кој претежно се занимавале две криминални групи, и натаму продолжува. Доказ за тоа се и големите количества кокаин запленети во текот на оваа година, кои припадниците на овие две групи ги шверцувале од Средна и Јужна Америка во Европа.
Извор: slobodenpecat.mk
Овој проблем се наведува и во извештаите на Европската комисија. Оваа институција смета дека упориштето на организираниот криминал и натаму е многу силно во земјите од проширувањето. Во документот се наведува дека моќни групи дејствуваат низ Западен Балкан и Турција и дека т.н. балканската рута останува важна влезна рута за трговијата со недозволени стоки, особено со дрога и оружје, како и со луѓе на пат кон ЕУ.
Затоа, бриселските институции бараат итно да се воспостават конкретни и одржливи докази во борбата против корупцијата, перењето пари и организираниот криминал.
Кои се „кавчани“ и „шкаљари“
По акцијата на српската полиција „Балкански воин“, во која е уапсен еден од најголемите нарко босови во овој регион Дарко Шариќ, бизнисот со шверц на кокаин го презеле которските кланови. Соработувајќи со разни криминални групи низ делови од поранешна Југославија, тие успеале да го пополнат пазарот што го снабдувал нивниот претходник. За разлика од групата на Шариќ, овие криминални структури немаат јасна хиерархија и стабилно членство. Тие меѓусебно соработуваат само додека имаат заеднички интерес, што главно се парите.
Меѓутоа, набрзо дошло до судири помеѓу криминалните групи. Ситуацијата кулминирала во 2014 година, со исчезнувањето на 200 килограми кокаин од стан-скривалиште во Валенсија. Станува збор за дрога која била шверцувана од картели преку Шпанија во Европа. Тогаш започнала војната и которскиот клан се поделил на два дела – шкаљарски и кавачки. Конфликтот однел повеќе од 50 животи на улиците на Црна Гора, Србија и низ други поголеми европски градови.
По разоткривањето на апликацијата „Скај“, повеќето од преостанатите членови и водачи се во бегство или зад решетки. Браќата Јован и Игор Вукотиќ останаа меѓу водачите на таканаречениот „шкаљарски“ клан. И двајцата се во бегство поради организирање повеќе убиства во Црна Гора. По нив е распишана црвена потерница. Најмоќните соработници на Шкаљарците се групите собрани околу некогаш најмоќниот водач на белградското подземје Лука Бојовиќ, односно сега неговиот заменик Филип Кораќ. Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ го обвини Кораќ дека е „главен снабдувач на дрога“.
На чело на „кавчаните“ и натаму се Слободан Кашчелан и Радоје Звицер, од Котор. Првиот моментално е во црногорски притвор поради создавање криминална група и организирање повеќе убиства. Радоје Звицер „избегнал апсење“ и побегнал во непознат правец. По него е распишана меѓународна потерница, а тој наводно се крие во Јужна Америка, каде што картели блиски до Кавчаните му пружаат заштита.
„Ударната тупаница“ на Кавчани во Србија бил Вељко Беливук (36), познат како Веља Невоља, водачот на навивачката група „Принципи“. Тој беше уапсен на почетокот на февруари и обвинет за неколку тешки кривични дела. Ја предводел својата фракција навивачи на белградскиот клуб „Партизан“ заедно со својата „десна рака“ Марко Миљковиќ (32).
Неговата екипа најчесто им завршувала работи на Кавчани поврзани со дистрибуција на кокаин, но ја вршеле и „валканата работа“. Тие ликвидирале неколку членови на соперничкиот клан на подрачјето на Белград. Оваа група е поврзувана и со одредени гарнитури на власта, собрани околу поранешната државна секретарка во МВР на Србија, Дијана Хркаловиќ и тогашниот министер за полиција Небојша Стефановиќ.
Дури откако се разоткри апликацијата „Скај“, стана познат степенот на злосторствата на Беливук и Миљковиќ, главно извршени во подрум на куќа во Ритопек, населба во близина на Белград. Станува збор за фотографии од најбруталните убиства, додека телата, сомелени во мелници за месо, ги фрлале во река. Фотографиите си ги разменувале меѓу себе, а и ги праќале до членовите на противничкиот клан како предупредување.
Во Црногорското обвинителство само пристигнуваат преписки од апликацијата „Скај“ и се дознаваат размерите на сторените кривични дела. Некои делови пристигнуваат по барање на обвинителите, а некои ги испраќаат службите на Европол откако ќе откријат дека се работи за кривично дело. Меѓутоа, во Црна Гора и во Србија, неверојатно е криминалот да се развие до тоа ниво. Стручњаците велат дека безбедносните служби на државата морало да бидат крајно неспособни или, пак, криминалните групи имале поддршка од некои (делови) од структурите на системот. По деталната истрага на обвинителството ќе дознаеме за што точно се работи.
Дешифрирајќи ја апликацијата „Скај“, Црногорските истражни органи открија дека припадници на „кавачкиот“ клан пукале во истражувачката новинарка Оливера Лакиќ. Исто така, преписките покажале дека во нападот на новинарката бил вмешан полицаец кој им пружал логистичка поддршка на клановите. Но прашање е уште колку луѓе од системот им помагале на криминалните групи, а можеби и имале поважна улога во нивната хиерархија.
Меѓутоа, поучени од претходните случаи каде што црногорското обвинителство не беше толку ажурно кога лица од системот беа обвинети за криминал и корупција, постои сомнеж дека истото ќе се случи и во овие случаи. Ако сега не дознаеме кои сè службеници биле споменати во овие преписки, прашање е дали следниот пат криминалците ќе бидат толку наивни за да им дадат сè на хартија на органите на прогонот.