Држава со посебни потреби! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

„Се чуствуваме како да сме качени на некаков брз воз, но не знаеме каде одиме“, напишал пред војната познатиот мислител Макс Вебер. И ние после 34 години независност се уште сме заробени во минатото, плукајќи по иднината. Мртвата историја кај нас има повеќе вредност од живите луѓе! А никому на цел свет не му успеало да се врати за да живее во минатото! Ние од иднината лесно можеме да се откажеме, ама никако од минатото! Додека живеачката е во слободен пад, младите масовно ни бегаат, а и таа слаба економија што ја имаме е пред колабирање. Секој со грам мозок сериозно би се запрашал – а како е можно со толкава леснотија овдешните луѓе да станат плен на омразата?! И второ, како е можно и после толку години плурализам, претенденти за врвот на власта да не научиле нормално да ги привлечат луѓето со конкретни понуди, наместо да создадат атмосфера на меѓуетничка конфликтност, доведувајќи го во прашање мирот и прогресот внатре и во целиот регион! Не знаеме ли дека омразата е вид форма на атрофија која уништува сè освен себе?!

Наместо кампањата да биде фокусирана кон решавање на постојните важни и егзистенцијални потреби на граѓаните, креаторите и реализаторите на истата ја пренасучуваат кон eкстремно сензитивни етнички чувства. Се праќа порака дека државата треба да се врати во ерата на моноетничка доминација, со што сериозно ги поткопуваат темелите на истата. Упорното зло, по логиката на нештата, убива секое добро. Партиите имаат прво да се караат меѓу себе до небото и назад, но никој нема право да ги замеша етникумите, кои и така по нивна вина живеат како да се утепани од Господ.

Тезата дека „треба да ја вратиме државата“ од никого земена, во срж е фашизоидна. Слоганот „Македонија повторно твоја“ е страшна порака која во соодветна форма била користена во црното минато оставајќи пустош за стотина милиона луѓе! Модерната држава припаѓа на секој поединец, а нација-држава одамна се смета за крајно екстремна доктрина. Кога вака би постапиле други држави, секој ден ќе имавме крвави конфликти во 60% од државите на светот (вклучувајќи ги и најсилните држави. Самиот поим „кираџија во својата куќа“ во срж е конфликтна оти штом се спомнува „своја куќа“, по автоматизам другите се прогласуваат за туѓинци на кои ништо не им следува во таа куќа!

Такво сеење омраза произлегува од едно лажно убедување изродено од сосема случајни партиски комбинаторики во процесот на составување влада, дека поради тоа државата е „киднапирана“ од страна на претставници на еден друг етникум! А всушност се работи за флуидна власт глорифицирана со бројни празни пофалби на поединци во неа. А државата е тука, и ништо не и фали освен човечки ум и разум. Ако сакаме да пристапиме злонамерно, тогаш секој што се разбира во фундаментите на државата, знае добро дека главните столбови на државата кај нас се – МВР, Дирекција за царини, Агенција за национална безбедност, и Дирекција за технолошки индустриски развојни зони. Другото си е третокласно. Тие никогаш не биле водени од други етнички партии и поединци. И неслучајно, странските инвестиции се во голема диспропорција меѓу истокот и западот на земјата.

Само еден победник?!

Мислевме дека ваков подбуцнувачки вокабулар е надминат, но не било така. Тоа е наша тажна судбина, особено кога тоа се практикува од политичари што доаѓаат од академската фела. Ќе имало само еден победник и тој самиот ќе одлучел кого ќе земе. Како да се работи за Алајбегова слама. Па со тоа само што ќе им се даде гориво на федералистите! Се најавува неаква француска револуција како што Дантон и Робеспјер делеле масовни смртни казни од улица, а реалните прозападни вредности се прогласуваат за најголемо национално зло! 

Играње на национална карта полно со етнофобија и омраза ама ич не е паметна работа уште помалку како некаква „понуда“ за граѓаните. Тоа според сите демократски принципи тотално ги делегитимира добиените гласови, оти тие не се заслужени гласови добиени за развојни цели, туку гласови со тешка манипулација за етничките чувства на луѓето. Граѓаните треба да имат можност да гласат за конкурентски опции за подобра економија, подобро земјоделие, поефикасно образование, подобро здравство, култура, плати итн. А не гласови добиени од фобија или омраза. Не е државата фудбалска топка, па некој некому насилно да му ја земе. Тоа е фрлање прашина во очи на гласачите, со цел да не видат што се е ветено или неветено, а тоа е чист морален фалсификат, оти гласовите ги добивате со колективна измама. А како поинаку кога велите дека сте против Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Францускиот предлог. А за што сте забога?! Па тоа е навреда и за ептен ниска интелигенција.

Партиите кажаа за што се ПРОТИВ, ама никако да чуеме за што се ЗА. Ама скоро сигурен сум дека воопшто нема да изгледаме баш ГОРДИ! Апсурдно е неколку дена пред изборите, луѓето да не знаат што нудат партиите за нивно добро! Ниту за тоа како државата да се движи напред. Најлошото е дека со таков ментален склоп повеќе од сигурно е дека влегуваме во тешка политичка криза со тешки последици. Нели, пред годините бевме втора во регионот по живеачката, многу понапред од Полска, Чешка, Словачка, прибалтичките држави, дури и од комшиите, а стасавме до последно место токму од вакви лажни и примитивни „патртиотизми“.  На пат сме целосно да се самоуништиме од злобата што ја имаме во нас! Полска беше четири пати послаба од нас, а сега има просечна плата од 1.500 евра. А ние сме полни со ментални апсурди додека државата ни се празни.

Кога би дејствувале и други држави по ваква логика, секој ден во светот би имале светски војни. Да го решивме проблемот со Грците во 1994 година, сега ќе бевме далеку пред Бугарија, дури со зачленувањето во ЕУ во 2004 година, ние ќе им ставевме вето ним. Од евтин инает сме на пат скапо да ја докрајчиме државата, себе си и нашите потомци. Останувајќи на спореден колосек полн со трева, додека сите возови со полна брзина шибаат кон Брисел, докажуваме дека ние ја бараме среќата таму каде што некој ја загубил. Потоа од тага почнуваме да мразиме. „Најдобриот јунак никогаш нема инает или омраза, оти тој не сака доживотно да зажали“ – вели кинескиот филозоф Лао Це. Имено инаетот ќе помине, ама поразот и сожалувањето ќе останат трајни, а и бројните тажни последици од нив.

Американците и европејците сериозно треба да подразмислат за уште по-катран листи на Балканот, вклучително и за нив кои кои сеат етничка дикриминација, омраза и конфликтност како потенцијална закана за дестабилизација на државата и регионот. Тие се такви умови кои не сфаќаат дека довербата меѓу луѓето макотрпно се гради, ама за час се урива!