Државниот архив – Одделение Прилеп денеска, 27 декември, одбележува 66 години од своето постоење.
“Ова е ден кога се направија првите значајни чекори во однос на документирањето на нашето минато, на нашата историја и култура. Со создавањето на Архивот во Прилеп, всушност, започна и институционалното создавање на трезорот со историски документи и материјали што се однесуваат на нашиот идентитет, култура и традицијата.
Досега, при работата на Архивот во Прилеп се постигнати значајни резултати и се воспоставени солидни професионални односи со речиси сите општествени институции, а вредно и посветено се работи и со приватните иматели. Минатата година се одбележа и мал јубилеј кога, меѓу другото, е објавена и монографијата “65 години Архив во Прилеп (1955 – 2020)”, а по тој повод се организираа и повеќе презентации, предавања и изложби.
Како посебно значаен настан поврзан со работата на Архивот во Прилеп и со нашата историја може да се издвои годинашното публикување на брошурата: “ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЛЕП И КРУШЕВО ОД ИЛИНДЕНСКИОТ ПЕРИОД”, како и видеопрезентацијата за илинденскиот период, со кои започна манифестацијата “10 ДЕНА КРУШЕВСКА РЕПУБЛИКА”.
По повод одбележувањето 66 години од постоењето на Архивот во Прилеп се планираат и се подготвуваат повеќе активности како збогатување на документацијата во Архивот во Прилеп со значајни документи и материјали од приватни фондови, кои сведочат за нашето национално опстојување; архивирање на дела и документи од наши истакнати културни, уметнички и научни личности и други дејци што оставиле трага во севкупниот развој на Прилеп и на околината. Исто така, во подготовка се и неколку интересни изложби со кои ќе се афирмираат повеќе оригинални документи, што сведочат за развојот на македонскиот идентитет”, изјави директорот на Државниот Архив, д-р Емил Крстески.