Косово денеска прославува 15 години независност. Познатото обележје „Њуборн“ (новороденче) во центарот на Приштина, освен што има нова тематика, сега и се чита поинаку. Оваа година наместо Њуборн со буквите од споменикот е испишано NONEWBR што според авторот на делото Фисник Исмаили, значи No New Broken Republic, пренесе косовската телевизија Клан.
Тој на својот профил на Фејсбук сподели фотографија од споменикот и ја посвети на Косово, но и на Украина.
Претседателката на државата, Вјоса Османи, на свечената седница порача дека Косово во текот на овие години направило голем напредок во своето демократско патување. Но, таа истакна дека државата не може да биде имуна на предизвиците и заканите.
Османи посочи дека процесот на дијалог со Србија има само еден епилог, а тоа е взаемно признавање, како што напомена и американскиот претседател Џо Бајден во честитката.
„Политичкиот спектар на државата ќе биде обединет против сите оние кои се обидуваат да го поткопаат нашето државјанство“, рече Османи на седницата на Собранието.
На свечената седница присуствуваше и поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.
По свечената седница припадниците на косовските безбедносни сили и полицијата продефилираа низ плоштадите во Приштина каде беа пречекани од илјадници граѓани.
Косовскиот премиер Албин Курти пред толпата, како што пренесе Епокаере, изјави дека на плоштадите во Приштина каде што парадираат војниците на КБС, во минатото поминувале демонстрантите и за Косово да стаса каде што е денес требало многу работа.
„Нашата земја во последните месеци помина низ многу предизвици, но косовската полиција покажа висока професионалност“, рече Курти.
Државниот врв денес положи и цвеќе на споменикот на исчезнатите, на гробовите на поранешниот претседател на Косово Ибрахим Ругова, политичарот Адем Демаќи и првиот командант на Ослободителната војска на Косово, Адем Јашари во Преказ, како и на споменикот на хероините. за кои се смета дека „ги положиле животите за слободата на Косово“./Мета.мк