ДС: Да се прекинат активностите за проширување на парламентарното мнозинство

Сподели

 

Демократскиот сојуз смета дека идејата за зголемување на парламентарното мнозинство, дополнително ќе го засили незадоволството кај граѓаните, дека ќе се заострат меѓуетничките тензии и сериозно ќе се нарушат уставните принципи за соодветна и правична застапеност на етничките заедници во власта.

Инаку, и со сегашната композиција на Владата, прекршени се основните решенија од Охридскиот рамковен договор, како и нормите “Бадентер” и “Балансер”, произлезени од истиот.

Доколку сакаме функционални институции, приоритетни услови за раководни функции во власта, мора да бидат стручноста, професионалноста, личниот интегритет и отпорноста од партиски и криминални влијанија, се наведува во денешното соопштение на ДС.

Партизацијата и етничкиот клуч, ги блокираа и ги криминализираа институциите.

Ставот на Демократскиот сојуз е наместо сегашните преговори за приклучување на Алијанса во власта, СДСМ, а особено ДУИ, итно да ги консолидираат внатрепартиските состојби за да се продолжи со реформите, посебно во правосудниот систем и да се отпочне со силна и неселективна борба против корупцијата.

Во скрининг процесот да се вклучат сите креативни потенцијали, а Парламентот континуирано да биде информиран.

Наместо граѓаните и партиите да се делат на  поддржувачи и противници на ЕУ и да се најавуваат некакви нови сојузи, да се подвиткаат ракавите и да се работи на конкретни проекти, а не на сеење магла и продавање демагогија.

Незадоволството, загриженоста и разочараноста од вкупните состојби во државата секојдневно се зголемуваат, поради што неопходни се промени, но и јакнење на  одговорноста. Граѓаните очекуваат единство и сплотеност, како и заштита на стратешките и националните интереси.