Демократскиот сојуз им изразува искрено сочувство на семејствата на загинатите во синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово.
Во овој момент, најважно е истражните органи што побрзо да ги откријат причините за големата трагедија и, доколку се констатира дека зад тоа стои човечки фактор, итно да се преземат мерки за одговорност, се наведува во соопштението на ДС.
Ковид-болницата во Тетово и претходно беше цел на криминални дејства, преку обидот да се уништат бакарните цевки за довод на кислород, така што овој случај не смее да остане со неодговорени прашања.
Демократскиот сојуз на сите повредени од пожарот им посакува побрзо оздравување и, истовремено, ги повикува медиумите да се воздржат од сензационалистички шпекулации.