Духот и сенките на Југославија: Рефлексии и процеси, 30 години од распадот на СФРЈ

Сподели

 

Поранешна Југославија, погледната од дистанца од 30 години, во некои аспекти нудеше многу повеќе отколку што може да се постигне денес во државите што произлегоа од неа. Покрај економската моќ, еден битен аспект е состојбата со правата на малцинствата, посебно на Ромите, кои имаа многу повеќе права и беа поизедначени како граѓани со сите останати, отколку што е тоа случај денеска.

Ова беше дел од кажаното во уводните излагања на денешната меѓународна конференција „Духот и сенките на Југославија: рефлексии и процеси, 30 години од распадот на СФРЈ“, во организација на Центарот за напредни студии од Скопје и Академската мрежа за соработка во Југоисточна Европа, која со учество на голем број доктори на науки од земјите на поранешна Југославија се одржува онлајн.

Според она што во уводното обраќање го кажа проф. д-р Мерсел Биљали, европерспективите на Западен Балкан се многу слаби и тој не верува дека во следните 15 години некоја земја од Западен Балкан ќе се зачлени во ЕУ. Затоа, рече Биљали, во поглед на постигнување на најбитното – економскиот развој и завидни бројки како во поранешна Југославија, можеби најдоброто би било да се работи на создавање силен регионален пазар, кој потоа би влегол во Европската економска заедница и така земјите од Западен Балкан да доживеат голем дел од придобивките од ЕУ кога веќе влегувањето во неа е тешко.

„Реално, земајќи ги предвид бројките и параметрите, не само перцепцијата, гледајќи ги бројките од Светска банка па и од ООН, доаѓаме до една констатација дека таа социјалистичка Југославија, иако се говори дека немала пазарна економија, не сум убеден дека е така, успеа да биде пример во светот, постигнувајќи и економски раст од 10 отсто, нешто што сега Кина го прави…Многу експерти доаѓале да го проучуваат тој феномен, дали зад тоа стоеле геополитички фактори од спротивставеноста на Истокот и Западот и обидите за сојузништво, дали во прашање било неврзувањето… Но, во прашање е снаодливост на една политика, треба да создадете објективни услови за таа политика да ги опсервира вашите вредности“, рече Биљали.

Тој додаде дека подоцна видовме оти работите не стоеја толку добро, а се изведе и една лоша приватизација на тлото на поранешна Југославија.

„Како понатаму… За да не остане сè само на ниво на фрустрации, пробувам да се консултирам со понадлежни од мене и тие ми велат дека премногу форсираме преговори за ЕУ, ЕУ не е она што била пред 10, 20 години, ЕУ е алергична на проширување, односно нејзините граѓани, јавноста, а политичарите го следат тој став, оти се борат да се изборат за нов мандат од граѓаните… Изгледа дека проширувањето е чиста фасада или празна реторика. Не верувам дека во следните 15 години некоја земја од Западен Балкан ќе влезе во ЕУ, колку и да ги исполни условите. Треба да направиме некој наш пазар, заеднички, и тој да влезе во Европската економска заедница, каде би уживале многу предности“, рече Биљали.

Во поглед на мултикултурализмот, односно правата на заедниците, земјите што се создадоа со распадот на Југославија декларативно се залагаат за права според стандардите на ЕУ, но и колку да работат на тоа, реалната слика е дека состојбите се во многу аспекти полоши отколку во времето на СФРЈ, рече Горан Башиќ, директор на Институтот за социјални истражувања од Белград и координатор на Академската мрежа за соработка во Југоисточна Европа.

Нагласувајќи дека состојбата на малцинствата и нивната отвореност кон другите заедници биле многу подобри во Југославија, Башиќ посочи на примерите на Косово, Босна и Херцеговина и Војводина, но и на состојбата на Ромите.

„Ако зборуваме за распадот на Југославија, можеби и јас лично не се слагам за тоа, се зборува дека тој почна со Косово, односно прашањето за правата и на Албанците и на Србите, а потоа се прошири во нешто што го нарекуваат „косовизација“. И сега, почитувајќи ги сите држави што настанаа и нивниот суверенитет, иако некои зборуваат дека сега е полесно да се зборува за националните права, јас не можам да се сложам со тоа, оти мислам дека во Југославија имаше многу подобра атмосфера… Сега ситуацијата е покомплицирана, потешко може да се реши, иако постојано некој предлага нешто, се наоѓаме во еден вакуум и очекуваме ЕУ ќе го реши тој контекст. А Југославија беше таков контекст. Што се однесува до БиХ и Војводина, па тие во 1970-тите и 1980-тите беа посочувани како пример за успешни мултикултурни друштва… Еве еден пример, јас тогаш бев ангажиран за едно истражување за унгарското малцинство во местото Бело Блато кај Зрењанин и доживеав невообичаена ситуација човек да го прашува нешто продавачот на унгарски, овој да му одговори на романски, па потоа се уфрли уште некој на словачки, а потоа некој на српски – и сите се разбраа одлично, освен мене, што знаев само српски. Тоа е еден пример како вистински функционираше мултукултурализмот во Југославија“, рече Башиќ.

Тој додаде дека БиХ и Војводина сега успеавме да ги направиме сегрегирани и со стандарди за малцинства, секоја заедница сега е затворена во себе, оти колку повеќе сте затворени, толку повеќе пари ќе добиете за својата партија, локална заедница, а интеркултуралноста е запоставена. Во некои аспекти, не напредувавме, смета Башиќ.

Тој како друг пример за влошување на состојбите го истакна примерот на Ромите во земјите од поранешна Југославија.

„Ромите од Југославија, заедно со Ромите од Велика Британија беа основачи на Конгресот на Ромите во 1971 година, кога беше утврден јазикот усвоена националната хералдика… Потоа, четири мандати Ромите од Југославија претседаваа со светското движење и имаа во таа држава и школување. Да не зборувам за тоа што се случува како плус во Шутка, имате еден театар на Ромите од Скопје – „Пралипе“, а има и други културни достигнувања. Но по 1990-тите целиот тој процес е девастиран и тие држави од Југославија што беа најголема поддршка на Ромите преминуваат во дефанзива и добиваат директиви и средства и програми од надвор, а некогаш самите беа пример… И сега имаме цели кои не се исполнуваат – 20 отсто Роми да се вработени, стапки на вклученост во образованието. Иако во Југославија тоа не беше достигнато, сепак тогаш еден принцип беше битен – системот беше отворен за сите подеднакво, иако може немаше строги рамки и програми. А сега имаме рамки што не се постигнуваат“, рече Башиќ.

Конференцијата „Духот и сенките на Југославија: рефлексии и процеси, 30 години од распадот на СФРЈ“ продолжи со излагања и дискуии со голем број доктори на науки од земјите на поранешна Југославија.

meta.mk