ДУИ ги почнува консултациите со албанските политички партии

Сподели

Али Ахмети вечерва на Зијадин Села ќе му го презентира документот доставен од Зоран Заев. Демократската унија за интеграција веднаш ги почнува консултациите со албанските политички партии откако во текот на вчерашниот ден во партиското седиште во Мала Речица пристигнала пратката од Бихаќка.

ahmeti_i_sela-777x437

 

Средбата Ахмети и Села се очекува да биде одржана во штабот на Движењето за реформи – ДПА во Тетово. Засега во голема тајност се крие содржината напишана во документот кој лидерот на ДУИ го бараше од првиот човек на СДСМ, но извори од Бихаќка за ТВ 21 велат дека документот овозможува брзо и непречено собирање на потписите потребни за формирање на влада предводена од Заев. Од таму велат дека не доставиле никаков рок до интегративците ДУИ кога треба да се изјаснат по документот но немаат очекувања дека Ахмети ќе има забелешки за истиот.

 Извори од БЕСА велат дека на нивна адреса се уште нема покана од Демократската унија за интеграција, но и да пристигне тие остануваат на ставот дека нема да седнат на заедничка маса со Али Ахмети. Од БЕСА потенцираа и дека остануваат на ставот да ги дадат своите потписи за парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, доколку точките од платформата се прифатени.

Доколку документот доставен од Заев до Ахмети е прифатлив за ДУИ и доколку Алијансата за Албанците и БЕСА коалицираат со СДСМ тогаш парламентарното мнозинство би броело 67 пратеници.

извор: Тв21