ДУИ: Категорично против Јени џамијата да биде музеј

Сподели

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја изразува својата длабока загриженост поради последната одлука на Владата за активирање на статусот на Јени Џамија во Битола како галерија, занемарувајќи ги верските и историските чувства на една важна заедница во државата. 

Овој чин, кој продолжува со логиката на еднострани одлуки, е јасен показател за континуираната институционална, етничка и верска деградација што ја карактеризира оваа Влада.

Категорично го осудуваме овој неодговорен пристап, кој ги продлабочува меѓуверските и меѓуетничките поделби во нашето општество. 

Во една земја како Северна Македонија, каде мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот се едни од темелните вредности на државата, ваквата одлука претставува сериозен удар врз толеранцијата, почитувањето и соживотот што со години внимателно ги градевме.

Оваа одлука на Владата претставува чин на деградација што создава поделби и поттикнува нови социјални тензии, дополнително влошувајќи ја атмосферата на недоверба меѓу заедниците.

Во овој контекст, ДУИ ги осудува политиките на Владата што имаат за цел рушење на темелите на еднаквоста и соживотот, претворајќи ги овие теми во политички алатки за поделби. 

Наместо да промовира дијалог и разбирање, актуелната Влада продолжува со агенда што ја загрозува стабилноста и хармонијата на нашата држава.

ДУИ силно бара почитување на културното и верското наследство на секоја заедница во Северна Македонија. 

Светите објекти и историските споменици треба да се третираат со чувствителност и почит кон нивната улога во идентитетот и историјата на заедниците на кои припаѓаат.

Бараме итно прекинување на политиките на поделби. 

Одлуките што ги занемаруваат верските и етничките чувства се неприфатливи и немаат место во една демократска и мултиетничка држава.

 Владата мора одговорно да постапува за да обезбеди нејзините одлуки да ги рефлектираат потребите и чувствата на сите заедници на правичен и еднаков начин.

Јасно ставаме до знаење дека оваа одлука не е изолиран случај, туку дел од серија активности што ги поткопуваат темелите на мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот во Северна Македонија. 

Овие политики на деградација не ја претставуваат волјата на граѓаните и не придонесуваат за европската иднина на државата.

ДУИ ги повикува сите вклучени институции да постапуваат одговорно и да ја преиспитаат оваа одлука за да ја зачуваат и промовираат хармонијата меѓу заедниците. 

Мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот е неприкосновена вредност што не смее и не треба да биде загрозена од вакви еднострани и непромислени одлуки.

Стабилноста и иднината на Северна Македонија може да се осигураат само преку заемна почит, еднаквост и промоција на соживотот.

ДУИ, соопштение