Министерот за економија и труд, г. Бесар Дурмиши, учествуваше и се обрати на конференцијата „Реформа на Законот за работни односи – предизвици и насоки“, која се одржа денеска во хотел Александар Палас – Скопје.
Конференцијата ги собра претставниците на синдикатите, работодавачите, меѓународните организации и експертите од областа за да дискутираат за можните насоки на реформата на законот за работни односи.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши нагласи дека реформата не е само технички процес, туку одлука за насоката што треба да ја заземе пазарот на трудот во нашата земја.
„Не одлучуваме само за текст на закон, туку како сакаме да изгледа пазарот на трудот. Работниот однос не е само договор, туку жив однос што носи сигурност, достоинство и напредок,“ истакна министерот.
Тој посочи дека современите предизвици бараат јасен правен систем – флексибилен за работодавачите, правичен за работниците и функционален за државата.
„Ниту една реформа не е лесна, но нема успех без храброст, партнерство и заедничка визија. Ова е наша заедничка можност да изградиме силна основа за идните генерации,“ рече Дурмиши. Конференцијата претставува значаен чекор кон сеопфатен процес на реформа на трудовото законодавство, со цел изградба на праведен, модерен и одржлив пазар на труд.
