DW: Денот на Европа и изгубената деценија на Македонија

Сподели

И во последната, како и во претходни кризи, ЕУ имаше значајна улога во наоѓањето решенија за македонските проблеми. Затоа довербата во ЕУ бележи висок процент. Македонија треба да ја врати довербата и да спроведе реформи, пишува Дојче веле.

Развеани европски знаменца, пораки за мир и за обединување во различноста, сето тоа низ звуците на европска химна „Ода на радоста“, ќе бидат дел и од денешната иконографија на прославата на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот. Македонија дочека и испрати многу вакви празнувања, но сите во предворјето на ЕУ. Никогаш не стигна до главната „бина“ во Брисел. Сонот за членство во ЕУ, кој трае од осамостојувањето на Македонија, се претвори во интегративен маратон со безброј пречки: од спорот за името, преку голем реформски застој и ерозија на демократските стандарди, кои на крајот кулминираа во длабока политичка криза. Тоа е голем неуспех на земјата, со оглед дека почетокот беше надежен и не навестуваше назадување. Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу РМ и ЕУ стапи во сила на 1 април 2004 година, а веќе во 2005 година Македонија доби кандидатски статус за членство во Унијата. По шест „идентични“ препораки за почеток на преговори на членство, во екот на политичката криза последните две стигнаа како „условени“: седмата условена со реализирање на Договорот од Пржино, а осмата со спроведување фер и кредибилни избори на 11-ти декември 2016 година.

Висока приврзаност кон ЕУ

Македонија спроведе фер-избори, но четири месеци заглави во институционална криза. Нејзиниот расплет се очекува со формирањето на новата влада, откако на крајот од април беше избран претседател на Собранието со „данок во крв“ и вандалистички околности за спречување на тој чин, невидени во современа Европа. И во последната, но и во други преходни кризи, ЕУ имаше значајна улога во наоѓањето решенија за македонските проблеми. Тоа е причината што во Македонија довербата во ЕУ во континуитет бележи висок процент.

„Граѓаните во големо мнозинство ја прифаќаат улогата на ЕУ како фактор кој може да ја реши кризата и да и помогне на земјата да излезе на прав пат“, вели Бојан Маричиќ, извршен директор на Центарот за европски стратегии – Евротинк.

„Таа позиција на медијатор и фактор за вршење притисок врз политичките актери и го зголеми кредибилитетот на ЕУ, но истовремено ја стави и во улога на ‘меѓународен судија’ кој ги исправа работите, за кои македонските политички актери немаа волја или сила. Тоа неминовно влијае врз имиџот на ЕУ, но исто така паѓа во очи дека членството на Македонија во оваа организација се одржува на стабилни 70%, што е можеби и највисока поддршка во регионот“, укажува тој.

Ова го покажа и анкетата од октомври 2016 година на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници, спроведена од агенцијата „М-Проспект“, на прашалник подготвен од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО). Според резултатите, ако се одржи референдум за влез на Македонија во ЕУ, позитивно би одговориле 69,44 отсто, а 20,98 проценти би се изјасниле дека се против влегувањето во Унијата. Речиси 60 отсто од граѓаните сметаат дека членството на Македонија во ЕУ би било „добра работа“, а исто толку сметаат и дека ЕУ треба да игра сериозна улога во разрешувањето на политичката криза во Македонија. Запрашни за причините за застојот во евроинтеграциите, 37,3 отсто се изјасниле дека Македонија не може да влезе во ЕУ поради спорот со името, додека 36,5 отсто сметале дека Владата го користи спорот за името со Грција како изговор за да не спроведува реформи. Тој процент се менувал во последните три години од ова лонгитудинално истражување. На пример, ако во 2014 година 47,4 отсто од испитаниците причините за застојот ги лоцирале во спорот за името, а 34,1 во владата, веќе во 2015 година 33,1 отсто или 14 отсто помалку сметале дека причина за застојот е во билатералниот спор со Грција. Од анкетираните 31,6 отсто изјавиле дека очекуваат Македонија да стане дел од ЕУ по повеќе од 20 години или пак никогаш, а 18,7 проценти сметаат дека земјата ќе стане дел од Унијата во наредните пет години.

Кој падна на испитот?

За таа можност да стане извесна,неопходно е спроведување на темелни реформи, кои во екот на политичката криза беа посочени во Извештајот на експертската група од Брисел предводена од Рајнхард Прибе, како и на Итните реформски приоритети нотирани од ЕК. Но, претседателот Ѓорге Иванов смета дека Македонија од своја страна направила сѐ, а дека ЕУ е таа што не го положила испитот.

„EУ падна на испитот по прашањето на Македонија“, се пожалил Иванов минатата недела во говорот на 17. Глобален лидерски форум на Универзитетот Бахчешехир во Истанбул.

„Направивме сѐ што бараа од нас. Во Ирак 12 пати испративме наши мисии во рамките на НАТО, а во Авганистан дури 24 пати. Сепак, не сме прифатени во членство, бидејќи името ни е Македонија. Досега осум пати стигна препорака од Европската Комисија за почеток на преговори, но датум сѐуште нема. Додека ЕУ, од една страна ги промовира човековите права, заштитата на сопственииот идентитет и други права, тие правила за Македонија не важат. EУ падна на испитот по прашањето на Македонија“, изјавил Иванов.

За разлика од претседателот, домашните аналитичари се согласни дека Македонија сега ја очекуваат три нешта – реформи, реформи и реформи, но дека е важно и ЕУ да го засили својот ангажман околу проширувањето.

„За Македонија да се врати во европски колосек со полна пареа, неопходно е ЕУ да има јасна политика кон целиот Западен Балкан – дека процесот на преговори и придружување продолжува“, вели Маричиќ.

„Исто така, битно е новата влада да има недвосмислен реформски курс согласно со препораките од Извештајот на Прибе и Итните реформски приоритети и за таква реформска агенда да добие соодветна финансиска и политичка поддршка. Не помалку е важно и членството во НАТО како стабилизаторски чекор кон разнишаната стабилност на Македонија и одлагање на решавање на спорот со Грција во подоцнежна фаза на интеграциите во ЕУ“, потенцира Маричиќ.

Околу 2.000 крупни чекори

Македонија, земјата која беше лидер во регионот пред една деценија, денес е на опашката на интегративниот пат кон ЕУ. Словенија на 1 мај годинава одбележа 13 години од членство во Унијата, а Хрватска на 1 јули ќе прослави четири. Црна Гора која дури во 2007 година стана независна и самостојна држава, пет години подоцна, во јуни 2012 година и официјално ги почна преговорите со ЕУ, а Србија која доби кандидатски статус во март 2012 година, по две години ги започна преговорите со Унијата. Македонија во 2017-та ќе одбележи 12 години од добивањето кандидатски статус.Засега е неизвесно колку време ќе ѝ треба на земјата да се врати на европски колосек, но неформалните статистичари на шега го пресметале бројот на „неопходни чекори“. Ако има најмалку 35 поглавја за преговори, за чие отворање и затворање ќе биде потребен консензус на националните влади во ЕУ, и ако тие се помножат со бројот на земји членки, 28, (или 27 по Брегзит), се доаѓа до техничка бројка од 1.800 до 1.960 чекори што Македонија треба да ги направи за да стигне до чекор за членство во ЕУ. А зад секој од тие чекори стојат три нешта: работа, работа и многу работа.