DW: Македонија ги анализира заканите на џихадистите

Сподели

Од МВР велат дека во Македонија и натаму се одржува повисоко ниво на безбедност, а по новите закани – службите ќе направат проценки за нивото на потребни мерки. Безбедносни експерти се сомневаат и во игри на „агентури“, пишува Дојче веле.

Закани од терористички напади го тресат регионот. Тие се најавени преку „Румијах“, кој се смета за магазин на Исламска држава (ИД) за Балканот, а се упатени кон Србија и Хрватска, но и до неверниците во Македонија, Албанија, Косово, Босна и Санџак.

„Не сме го заборавиле и нема да го заборавиме Балканот. Едноставно бевме малку зафатени, сега повторно се враќаме. Срби, не сме ве заборавиле. Не сме го заборавиле вашето убивање на муслимани во Босна и Косово. Не го заборавивме мачењето на нашите браќа и силувањето на нашите сестри, уништувањето на куќите. Не сме го заборавиле она што го направивте во Сребреница и на други места. Со вас имаме нерешена сметка, што ќе ја платите со својата крв“, се вели во текстот под наслов „Балкан: Крв за непријателите, мед за пријателите“. Во него се наведува дека не се заборавени ни Хрватите, „чија крв исто така е нечиста“, заради мачење, убивање и палење куќи во Босна. Но, најголемата одмазда се најавува кон „неверниците“, кои, ако не се вратат кон исламот, ќе бидат истребени до последен.

„Неверници на Балканот, каде и да сте, во Босна, Санџак, Албанија, Косово, Македонија, во која и дупка да се криете, во кое и гнездо да сте побегнале, ние ќе ве најдеме со дозвола на Алах. Доаѓаме со сабји и бодежи. Подгответе си ги сандаците“, се вели во текстот.

Службите ќе проценат

Заканите го вклучија алармот во регионот. Против глобалните закани од ИД, Македонија последен пат ги зајакна безбедносните мерки и активности на целата територија на државата, за време на Велигденски празници. Од МВР велат дека тие мерки не се прекинати, односно дека се одржува „повисоко ниво на безбедност во однос на витални објекти, но и на места на масовни собирања – културни и спортски манифестации“. На прашањето дали по новите закани постојните мерки ќе бидат зајакнати, од МВР одговараат: „Не можеме да се раководиме од нешта објавени во списание. Тоа ќе се има предвид, а службите ќе направат соодветни проценки за потребата и за нивото на неопходни мерки“.

Домашни безбедносни експерти се согласуваат дека ситуацијата мора внимателно да се анализира.

„Закани од ИД имало и досега. Службите континуирано ја следат состојбата, се координираат, разменуваат информации со други служби. Индикативно е што оваа закана доаѓа во ‘интересен’ период за регионот, одбележан со скриени и нескриени (гео)политички напори за обезбедување разни сфери на влијанија во земјите од Западен Балкан. Од тој аспект, не треба да се исклучи ни можноста од одредени ‘замешателства’, на кои, од нивни причини им одговара нестабилен Балкан“, вели безбедносен експерт.

Слични ставови има и експертот за тероризам, Џевад Галијашевиќ, кој во изјава за српски медиуми изразува сомневање дали „Румијах“ е навистина гласило на ИД, со оглед дека не го користи „јазикот“ на кој џихадистите ги објавуваат своите памфлети. Но, не исклучува дека се можни нови напади, бидејќи тие губат на боиштата во Сирија, па се обидуваат да пратат порака дека и натаму се борат.

„Вакви текстови често се објавуваат поради мобилизација и пропаганда. Можно е списанието да го работат и некои странски агентури кои сакаат да го свртат вниманието од закани кон нивните земји. Но, кој и да стои зад заканите, сака дестабилизација на Балканот и сугерира терористички акти“, вели Галијашевиќ.

Српски медиуми пишуваат дека ова не е прва закана до Србија која стигнува од ИД, но „според жестината и бруталноста ги надминува претходните прогласи на терористите“. Надлежните во Белград и Сараево проверуваат дали заканите се основани или се работи за „вообичаена пропаганда“ на џихадистите. Српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, смета дека Србија е безбедна: „Службите внимателно ја следат ситуацијата, соработуваме и со полициите на други земји. Подготвени сме да одговориме на сите закани“.

Текстот во целост прочитајте го тука