Нов скандал на релација Скопје-Белград: транскрипти објавени од Мрежата за истражување на криминал и корупција индицираат српски „замешателства“ во македонската политика. Вучиќ смета дека зад тоа стои западна служба. Дојче веле пренесува:
Денешната седницата на Собранието, на која треба да почне расправата за составот и програмата на новата влада на мандатарот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, падна во сенка на скандалот што го тресе Белград. Новиот српски претседател и премиер во заминување, Александар Вучиќ, кој во претседателската кампања честопати им се обраќаше на избирачите со предупредување дека „нема да дозволи во Србија да се случи македонско сценарио“, сега се соочува со прашања дали во Македонија се спроведувало „српско сценарио“ во корист на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите сомнежи, кои се појавија по „случајот Живаљевиќ“, кулминираат откако српската Мрежа за истражување на криминал и корупција (КРИК) објави документ за кој тврди дека е извештај од македонската Управа за безбедност и контраразузнавање. Документот содржи транскрипти од разговори помеѓу Иван Стоиљковиќ, пратеник и претседател на Демократската партија на Србите (коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ) и српскиот разузнавач Горан Живаљевиќ, вработен како советник во српската амбасада во Македонија, а за кого беше утврдено дека влегол во македонското Собрание за време на крвавиот четврток, 27-ми април.
Надзор со ПИМ
Според транскриптите на УБК во кои КРИК имал увид и во кои се тврдело дека службата имала судско одобрение за надзор, Стоиљковиќ и Живаљевиќ му организирале на српскиот новинар и пратеник на владејачката СНС, Мирослав Лазански, брифинзи и средби (од кои една со Груевски), со цел да спроведува медиумска пропаганда во корист на ВМРО-ДПМНЕ и руската политика. Еден ден по престојот во Македонија, Лазански во „Политика“ ја објавил колумната под наслов „Не ја даваме Македонија“.
Транскриптите на кои се повикува КРИК, завршуваат со заклучок дека српскиот разузнавач ги контролирал и насочувал активностите на пратеникот Стоиљковиќ, а преку него, посредно се обидувал да влијае и врз политичката ситуација во Македонија. Иван Стоиљковиќ во изјава за српското издание на руски „Спутник“ најави дека ќе ги тужи македонските служби бидејќи го прислушувале, особено што како член на собраниската Комисија за одбрана и безбедност имал безбедносен сертификат.
„Ако прислушувате пратеник и го ставите на таканаречени посебни истражни мерки (ПИМ), морате да имате одлука на судот, а за да добиете одлука на судот, мора да дадете образложение. Не знам и не сум свесен какво образложение би можело да биде за јас да бидам прислушуван кога имам безбедносен сертификат“, изјавил Стоиљковиќ за „Спутник Србија“.
Тој најави дека ќе провери дали постои таква судска одлука за негово прислушување и ако не постои, ќе тужи и ќе бара отштета.
Српскиот премиер во заминување Александар Вучиќ се огласи во врска со скандалот (на фотографијата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во Скопје, 16.02.2015)
Вучиќ: Дело на западна служба
Темата не го одмина ни Александар Вучиќ. Во синоќешното интервју на ТВ „Пинк“, тој изјави дека е „срамно“ што од Македонија дале транскрипти од прислушувани разговори на лидерот на српската партија, дипломати на Амбасадата на Србија и новинар од Белград, но смета дека зад тоа стои една западна служба. Во прошталниот настап како премиер, тој запраша кои се тие медиуми кои објавуваат прислушувани разговори, и потенцирал дека во Србија тоа не се случувало додека тој бил на чело на владата.
Се огласи и Мирослав Лазански, кој за „Б92“ изјавил дека тврдењата на КРИК се „глупост“ и дека на нив „не треба да се троши време“.
„Бев во Македонија, правев репортажа за телевизијата на Република Српска, а после тоа колумната излезе во ‘Политика’. Точно е дека се видов со Живаљевиќ кој работи во амбасадата, и со Стоиљковиќ кој е претседател на ДПС во Македонија. Па со кого да се гледам? Логично е да се гледате и информирате со луѓето од амбасадата на Србија. Во каква кампања сум бил тоа јас, кога имав еден текст, а потоа и самиот Заев даде интервју за Политика“, изјавил Лазански.
Но според изјавата на Стеван Дојчиновиќ од КРИК за ТВ „Н1“, македонската служба документирала околу 50 текстови на Лазански кои биле преведени и објавени во Македонија, а за кои се верува дека се напишани под влијание. Дојчиновиќ потенцирал и дека во случајот на Лазански се неспоиви улогите на новинар и народен пратеник, а сега се покажало и дека „бил во дил и со разузнавачите“. Тој оценил дека српската БИА се искомпромитирала и себеси и државата со своето дејствување во текот на политичката криза во Македонија, дека увидот во транскриптите покажале дека постоел план кој бил спроведен, и дека Живаљевиќ и Лазански излегле од рамките на својата работа.