DW: Младите си одат од Македонија, државата не ги ни брои

Сподели
Невработеноста се посочува како фактор број еден кој придонесува за иселувањето на младите. Според последните информации објавени од Светска банка, невработеноста кај младите луѓе изнесува 50.8%.
default

„Од Македонија заминав незадоволен поради неквалитетното образование и бесперспективноста. Не гледам причина да се вратам кога мојата држава не виде во мене потенцијал да ме задржи да останам“, вели 28-годишниот Момир Дејановиќ, еден од вкупно 12.122 македонски државјани кои во 2015 година дошле во Германија. Како и повеќето млади македонски лекари кои секоја година пристигнуваат во Германија, Дејановиќ објаснува дека одлуката да замине во странство ја донел поради економската состојба во државата и желбата за професионален развој.

„Воопшто не сум задоволен со тоа како е конципирано нашето образование. Квалитетот на едукација е на ниско ниво. Втора причина поради која решив да заминам е немањето работни места, а со тоа и перспектива. Трета е малата заработувачка, со која не можеш да си пружиш еден достоинствен живот“, вели Дејановиќ, кој во Македонија се соочил со проблем да најде работа по завршување на постдипломските студии во Холандија. Тој сега живее во Германија, во близина на Бремен, каде е специјализант по интерна медицина.

defaultСѐ повеќе млади по завршувањето на студиите заминуваат во странство

„Весела математика“ со државната статистика

Според официјалната статистика на Државниот завод, минатата година од Македонија се иселиле само 767 лица. Германија е наведена како една од најпопуларните дестинации на македонските иселеници. Но, податоците на Сојузната статистичка служба на Германија за 2015 година покажуваат дека само во оваа западноевропска држава се доселиле за петнаесет пати повеќе лица од бројот со кој оперира Државниот завод за статистика на Македонија. Германските статистичари наведуваат дека минатата година се доселиле вкупно 12.112 лица со македонско државјанство.

На прашањето зошто се разликуваат статистичките податоци меѓу двете земји, од Државниот завод за статистика ни објаснија дека податоците за иселени ги добиваат од подрачните единици на МВР и дека „разликите во објавените податоци на две држави никогаш не можат да бидат коментирани со оглед на разликите во методологиите и дефинициите за миграциите во соодветната држава што се должи на националните прописи“.

Дел од стручната јавност вели дека недостатокот од релевантни податоци и истражувања на државните институции за иселувањето на младите не е само технички.

„Тоа сигурно не е технички или научен проблем, туку политички. Според мене, проблемите не се решаваат со туркање на проблемите под тепих. Така, само се влошуваат. Не случајно сме една од ретките земји во светот што нема попис на населението“, вели професорот од Економскиот факултет, Драган Тевдовски.

Доколку постои политичка волја, смета Тевдовски, институциите во Македонија можат да ја утврдат фактичката состојба.

„Покрај пријавите-одјавите за доселени-отселени лица, постојат и други извори на податоци, а секако дека и МВР собира податоци на граничните премини. А, во отсуство на веродостојни податоци од нашите институции не ни останува ништо друго, туку да ги следиме миграционите матрици на Светската банка или други земји“, додава Тевдовски.

defaultОхрид е рекордер по бројот на иселени луѓе

Граѓаните, според закон, мора да пријават ако заминат во странство

Според Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, чие спроведување е во надлежност на МВР, предвидено е граѓаните кои имаат намера да престојуваат во странство повеќе од три месеци, задолжително пред заминувањето да го пријават одењето во странство кај надлежниот орган во местото на живеење.

Законот предвидува казни за оние граѓани кои нема да го пријават заминувањето. Информациите кои Дојче Веле ги доби од МВР покажуваат дека во изминатата година биле регистрирани 352 македонски граѓани кои не го пријавиле новото живеалиште. Овој број ги вклучува и прекршоците поради непријавување на новите живеалишта и во рамките на државата, што значи бројот на прекршоците поради непријавување на новото живеалиште во странство е уште помал.

Познавачите на оваа проблематика сметаат дека проблемот делумно лежи во нефункционалниот систем на следење, но уште повеќе во незаинтересираноста на надлежното министерство сериозно да се занимава со „доследно спроведување на законот, а не со затворање на очите“, изјави за ДВ, Драган Тевдовски.

Лекари и електроинженери учат германски јазик

Според податоците на Светска банка објавени неодамна, невработеноста кај младите во Македонија изнесува 50,08%, додека најновиот извештај на Евростат покажува дека речиси 40% од младите немаат работа, ниту се вклучени во процес на образование. Ваквите состојбипоттикнуваат голем дел од нив својата иднина да ја гледаат надвор од државата.

Во меѓувреме, во училиштата за странски јазици се бара место повеќе. Од училиштето за странски јазици Вортекс ни објаснија дека сѐ повеќе млади лекари и електроинженери се интересираат за учење германски јазик.

Текстот во целост прочитајте го тука

dw.com