Концептот пензија за сите ќе донесе социјална праведност но дополнително ќе го оптовари буџетот. Синдикатот бара брза имплементација, експертите сугерираат ефикасни мерки за пополнување на дупката во пензискиот фонд.
Лицата со навршени 65 години кои не ги исполнуваат условите за пензионирање ќе земаат социјална пензија. Владата крои стратегија со која пензија ќе можат да земаат и оние кои немаат минимум 15 години стаж. Идејата е сите оние кои од разни причини го немаат исполнето законскиот минимум да добијат финансиски надомест-социјална пензија, но само доколку немаат други приходи. Висината на социјалната пензија ќе изнесува 40% од просечната, или околу 6.000 денари според сегашните пресметки.
„Станува збор за позитивен закон кој ќе значи решение за голем број граѓани. Сепак, ние како синдикат бараме да не се одолговлекува примената на законското решение. Планот е да се изработи до крајот на 2018, но сакаме да се најде начин и да е обезбедат средства за тој да стартува со примена порано од 2020 година како што сега се планира“, коментира за Дојче веле Пеце Ристевски претседател на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство.
Несакани ефекти
Имплементацијата на владината мерка сепак ќе значи и дополнително оптоварување на државниот буџет. Без разлика на бројот на корисниците на старосната пензија, парите од некаде ќе треба да се обезбедат. Дали од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, или од државниот буџет, сеедно:
„Иако името е социјална пензија, лично сметам дека ова треба да биде дел од ставката социјална помош во буџетот, а не од фондот за ПИОМ. Повеќе би ја третирал како социјални субвенции и бенефиции директно од буџетот. И од тој аспект сметам дека е исправно бидејќи станува збор за граѓани во поодмината возраст за кои овие пари ќе бидат од голема помош. Дополнително оптоварување за буџетот ќе има но колкави ќе бидат импликациите ќе се знае откако ќе се сумира бројот на корисници“, смета економскиот аналитичар Слободан Најдовски.
…
Дека Република Македонија се соочува со неодржлива пензиска динамика во континуитет предупредуваат и меѓународните финансиски институции, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд. Една од мерките кои тие ја сугерираат како неопходна е и зголемувањето на старосната граница за пензионирање до просекот на земјите од ЕУ како и напуштање на политиките на ад хок зголемувања на пензиите што беше една од омилените на владата на ВМРО ДПМНЕ. Дел од препораките веќе се применуваат, па така пензиите сега се корегираат двапати годишно согласно порастот на трошоците на живот.
Пензискиот фонд е доведен во опасност и поради политиките на вработување со државни субвенции- ослободување од плаќање на придонеси, што почна во времето на претходната Влада, но продолжува и со сегашната што дополнително го оптоварува фондот. Годинава преку него ќе треба да се исплатат рекордни 880 милиони евра за пензии, или 34 милиони евра повеќе од минатата година. Колку пари ќе проголта дефицитот е неизвесно но од Владата очекуваат трендот на пораст од изминативе години полека да почне да се намалува со растот на платите и новите вработувања.