DW: Сталкер и Скопје – ЈАСНА КОТЕСКА

Сподели

jasna koteska

На 25-годинишнината од нашата независност дочекавме да видиме како одблизу изгледа мегаломанијата на едно специфично стилско и финансиско лудило, оценува во својата саботна колумна Јасна Котеска на Дојче веле.

Во веројатно политички најмирната недела од последниве неколку месеци (знак дека можеби нѐ чека драматична есен), Република Македонија го прослави важниот јубилеј, 25 години независност! И додека државата славеше, главниот град на земјата се раздени во апокалиптичен пејзаж. Заради оштетувањата на канализациската мрежа при зафатите околу проектот Скопје 2014, овие денови, вклучително и на самиот ден на независноста, блокиран беше дел од строгиот центар на Скопје заради итно санирање на штетите.

Зошто Скопје 2014 никако да заврши?

Овој инцидент, а и фактот дека имавме политички релативно мирна недела, е добар повод за длабинско, структурно и психоаналитичко промислување околу Скопје 2014, што ретко стасува на ред за анализа.

Прашањето гласи: а што е всушност несвесната, „подземна“ логика зад проектот Скопје 2014, што е либидалното јадро што го турка Скопје 2014 да се гради сѐ уште, а цели две години по неговото планирано завршување?

Освен финансиските претпоставки, како и аспектите што се повеќекратно анализирани од многумина: 1) Потенцијалната дивоградба што продолжува да се шири, едноставно за да не дојде моментот кога за евентуалните дивоградби би требало да се одговара; 2) Проектот е технократско решение наметнато врз граѓаните, без директно да бидат прашани или консултирани, па затоа е добро проектот да се тегне бесконечно за на луѓето да им стане дел од „нормалното, очекуваното, секојдневното“; 3) Сомнежите дека е пералница за пари заради која урбаните мафии меѓусебно се раздолжуваат со пари и проекти; 4) Проектот е општествен инженеринг замислен да го редефинира идентитетот на Македонците и просторот во кој живееме, што пак е добро за елитата да ги држи луѓето под контрола, како и 5) Фактот дека Проектот е потенцијално здравствено, хигиенски и физички опасен за луѓето…, можеби интригантното прашање врзано за најгломазниот проект од независноста до денес, гласи: Зошто Скопје 2014 никако да заврши?

Како што е познато, кога Проектот за првпат беше најавен во 2010, се зборуваше за урбан зафат од, за тогаш неверојатните 40 објекти, а проценет на 80 милиони евра. Денес, шест години подоцна, овој проект веќе има 136 документирани објекти и чини над 640 милиони евра, а сѐ уште не е завршен. Зошто?

Светот потоа

Психоанализата зборува за специфична манија што не се состои од потребата за градење, туку обратно, од разградување, од патолошка опсесија и фасцинација со постојаната продукција на распадливи објекти, кои колку повеќе се градат, толку повеќе се распаѓаат.

Конзумеризмот и инаку, во најопшта смисла на зборот, паразитира токму на човечката опсесија со артефактите што завршуваат како ѓубре, за што сведочат потрошувачите на денешницата, и од најобичните до пософистицираните предмети за секојдневна употреба. Тие објекти се со мала фунцкионалност и заради профитот, нивната цел е краткотрајноста. Прв кој филозофски го осветли комплексниот проблем на функционалноста е генијалниот филм Сталкер (1979) на Тарковски, каде е прикажан „светот потоа“, свет во кој конзумеристичкиот рај е ставен на пауза, а луѓето ги сведочат последиците на катастрофалните еколошки, урбани и идеолошки зафати.

Ултимативниот пејзаж кај Тарковски е застојана вода или река во која има човечки предмети, најчесто ’рѓосани метали или бетонски блокови, слики идентични со Скопје деновиве. Во Сталкер базените од застојана вода се наоѓаат во исти кадри со багерите и машините, а залутани мачиња и кучиња шетаат помеѓу дивата вегетација што никнала помеѓу зградите.

Сталкер беше првиот голем уметнички одговор за тоа што се случува со светот на постиндустриската пустелија, и симптоматска точка за тоа како советскиот човек од 20 век го замислувал корумпираниот капитал. А како што е познато, веќе во 2013 година, заради Скопје 2014, уште тогаш зелената површина во главниот град беше намалена за цели педесет отсто во однос на претходните години. Сталкер е и уметнички одговор на Тарковски дека природата и цивилизацијата чудно „соработуваат“ во распаѓањето на вишоците бесмисла, како некаков доказ дека природата сепак секогаш ќе си ги „врати“ назад своите територии и ќе го декомпонира сето она што ѝ е сосила наметнато.

Варијанта на темата од Сталкер, наоѓаме и во други култури, една таква е популарното јапонско уметничко движење од 1990-тите, наречено чиндогу. Ова движење се базираше на создавањето предмети што се комбинација од некаква божемна идеја за функционалноста, додека во реалноста станува збор за нефункционални предмети. Некои од чиндогу предметите беа: чадор свртен наопаку, што не би служел само за заштита од дождот, туку истовремено би ја собирал и дождовницата, или, на пример, папучи што би служеле и за чистење на подот, и.т.н. Во јапонската поп култура ова движење се појави како циничен коментар за растечкиот проблем со екологијата, со неразбирањето на природата, со човечката деструкција и со пред-рефлексивната потсвесна желба да се стави крај на поредокот. За каков крај зборуваме?

Самоубиство на идентитетот

Убав пример за потсвесната желба за симболичен прекин на смислата, наоѓаме во една анегдота од животот на Карл Маркс, идејниот татко на тезата дека материјалните предмети, всушност, имаат фантазмагорична природа и вредност. Малку пред да го предаде Капиталот за печатење, во 1867, Маркс го побрзувал Енгелс да го прочита неговиот омилен расказ Непознатото ремек-дело (1837) од Балзак.

Во расказот е опишан големиот сликар Френхофер кој десет години минува во сликање на еден единствен портрет, што ќе ја означи „преродбата“ во уметноста, портрет што ќе биде најцелосната репрезентација на реалноста! Кога конечно Френхофер им дозволува на своите колеги Пусин и Порбус да го видат неговото маестрално дело, на свој ужас тие здогледуваат насилна бура од случајни идеи, бои и форми расфрлани едни преку други без никаква хармонија и смисла. Сликарот погрешно ја сфаќа нивната вџашеност и им вели: „Ах, не очекувавте ваква совршеност, зар не?“, но кога го слуша коментарот на Пусин дека: „Можеби Френхофер навистина ја открил вистината – толку пати го преправал портретот што од него не остана веќе ништо“, големиот сликар се самоубива. Според сведоштвата на зетот на Маркс, Пол Лафарг, Балзак оставил огромен впечаток врз Маркс, затоа што начинот на кој Маркс со децении го кроел својот Капитал бил поттикнат токму од истата потреба за „идеална репрезентација на стварноста“. Но, како совршено се опишува стварноста? Има ли начин да се направи таква идеална слика на реалноста? За каков тип лудило зборуваме тука?

Тоа е лудило слично на проектот Скопје 2014. И е едно од структурните објаснувања зошто Скопје 2014 никако да заврши! Има најмалку три длабински причини за тоа. Прво, проектот е златно теле за молзење кеш, опишан впрочем веќе кај Тарковски во неговиот портрет на суровиот капитал што не води сметка за никого и за ништо, ниту за природата, ниту за човечките заедници, но затоа на крајот бива проголтан од самата природа.

Второ, Проектот е патолошка опсесија со божемно функционалните, а крајно цинични нефункционални „чиндогу“ објекти. Такви се повеќето објекти од проектот што лидерот го замислил во своите прошетки низ светот, а подоцна се изведени од тесен број избрани автори и неколку главни изведувачи на Скопје 2014. Од таков тип се објектите на левиот брег на реката Вардар, изградени и покрај укажувањата на архитектите и урбанистите дека зградите нема да го издржат тестот на времето и ќе бидат места потенцијално опасни за живот и работа. И какво што е Панорамското тркало, ултимативно најбесмислениот објект од Проектот, што ќе ја стави под прашање дури и најосновната безбедност на жителите во центарот на градот.

И трето, затоа што Проектот е израз на потребата на креаторот да го крои и прекројува идентитетот на граѓаните на Република Македонија онолку долго додека не ја добие во идеалната „слика на реалноста“, замислена во неговата глава, слично како главниот лик од расказот на Балзак. Токму затоа тој сиве овие години додава уште понекој споменик, уште нови згради, нови објекти, тркала, скулптури, фонтани, прераспределува бои и форми, налепува едни на други објекти, па се чини дека на крајот навистина сепак му успеа да создаде таква насилна бура од случајни идеи, бои и форми, расфрлани едни преку други, без никаква хармонија и смисла, што Скопје 2014 го достигна својот целосен контраефект, да не значи ништо друго, освен симболично „самоубиство“ на идентитетот, како и во расказот на Балзак!

И додека граѓаните збунети потсконуваат помеѓу сите тие објекти како топчиња во автоматски билијард, лидерот се чини толку пати го кроеше и го прекројуваше нашиот „идеален портрет“, идеалната слика за македонскиот идентитет, додавајќи му сѐ и сешто, што е тажна иронија дека на 25-годишнината од нашата независност дочекавме да видиме како одблизу изгледа мегаломанијата на едно специфично стилско и финансиско лудило, најблиско до идејата за „преродбата во уметноста“ кај Балзак. Во годините што следат, една од ургентните работи на генерациите научници од политикологијата, социологијата, културологијата, кои вредно работат во земјава, но сега се поттурнати на маргините, ќе биде да ги анализираат причините што доведоа до тоа, во десет години владеење на лидерот, што е 40 отсто од сето време на 25-годишната независна Република Македонија, денес да минуваме низ ова опасно и рабно државничко уредување. Ова искривување е бездруго резултат на многу фактори, од структурни до контингентни, но сите ќе треба внимателно да се проучуваат, за да се обезбеди посигурна иднина и за државата и за сите нејзини граѓани.