Договорот за добрососедство и соработка, но и инфраструктурното поврзување на двете земји, се дел од темите за кои ќе разговараат македонскиот и бугарскиот премиер. Се очекува нов дух на соработка меѓу Скопје и Софија, пишува Дојче веле.
Ќе се затвори ли отвореното прашање со Бугарија на првата средба меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега, Бојко Борисов? Одговорот се очекува по дводневната официјална посета на македонската владина делегација на Софија, но не е исклучено да биде познат и денеска. Од македонската влада се воздржани во одговорот до каде е потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка, кој треба да произлезе од Декларацијата што во 1999 година што ја потпишаа тогашните премиери на Македонија и Бугарија, Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Но, неофицијално потврдуваат дека работните групи на двете држави интензивно работат на негово усогласување. Воздржан на истото прашање беше и бугарскиот премиер во интервју за порталот МКД.мк.
„Не би сакал да го објавувам договорот пред да разговарам со Заев за тие теми. Но во секој случај Договорот за добрососедство гарантира добрососедство. Зашто многу често излегуваат спорови што не се од никаква корист. Јас имам принцип – историјата да им ја оставиме на историчарите, тие да спорат, тие да се докажуваат што е прво, што е второ. За нас е важно меѓу Софија и Скопје меѓу Скопје и Благоевград да направиме инфраструктурни проекти, да имаме автопат, железничка линија и таа инфраструктура да го сече Балканот во сите насоки. Тоа го гарантира бизнисот, туризмот, гарантира високи доходи, гарантира движење на луѓето. Тоа е слобода“, изјави Борисов.
Тет-а тет разговори
Се очекува бугарскиот и македонскиот премиер за тоа прашање да разговараат на тет-а-тет средбата што ќе започне денеска во 9 часот и 50 минути. Се претпоставува дека на маса ќе бидат ставени теми кои во минатото предизвикуваа „искри“ на релација Скопје-Софија: несогласувањето на заедничко славење на датуми од историјата битни за двете земји, но и околу формулацијата за македонскиот јазик во Договорот, чии претходни верзии во некои домашни кругови беа толкувани како обид за оспорување на неговата автентичност. Се очекува средбата да стави крај или да означи почеток за брзо надминување на тие прашања, во интерес на соработката меѓу двете земји, а уште повеќе за интегративните процеси на Македонија. Денеска во 14 часот премиерот Заев ќе се сретне и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, а се очекува да биде примен и од претседателот на Народното собрание, Димитар Главчев.
Бугарскиот премиер не ги крие симпатиите кон новата македонска влада, а Зоран Заев и како опозициски лидер беше средечно пречекан од Борисов при посетата на Софија на 29 мај 2015 година. Она што тогаш привлече внимание, е дека Заев беше пречекан заеднички и од десницата и од левицата во Бугарија.
Текстот во целост прочитајте го тука