ЕБУ воведува санкции за МРТ која тоне во долгови

Сподели

Гледачите на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) може наскоро да останат без европски спортски првенства, без „Евровизија“, странски програми, филмови и без странски документарци поради натрупан долг кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Извор од програмскиот совет на МРТ, кој сакаше да остане анонимен, за ПИНА открива дека долгот надминува 500.000 евра. Ова можеби изгледа ситно во споредба со огромниот долг што националниот сервис го има натрупано низ годиниве, а кој е поголем од вкупните годишни приходи на телевизијата. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра. И додека доверителите засега не креваат прашина, од ЕБУ не седат со скрстени раце и подготвуваат санкции за телевизијата.

МРТ има долг поради кој се соочува со санкции од трето ниво, потврди Клер Рејнфорд, висока претставничка за односи со јавноста од ЕБУ.

– За жал, „Македонската радио-телевизија“ веќе нема пристап до нашите сервиси сè додека не го плати долгот – вели Рејнфорд, која не ја откри сумата што ја должи националниот сервис.

Долгот кон ЕБУ се однесува за годишната членарина, но и за некои програмски права.

Според т.н. Кодекс за финансии, документ на ЕБУ, воведувањето санкции од трето ниво значи дека долгот е постар од 270 дена.

„Во случај на фактура која не е платена во рок од 270 дена од датумот на издавање, пристапот до сервисот ќе биде прекинат и извршниот одбор автоматски ќе побара препорака од Генералното собрание за целосно исклучување на членката од ЕБУ“, пишува во документот.

Нашиот соговорник од програмскиот совет на МРТ вели дека ваквото сценарио би било катастрофално за националниот сервис бидејќи телевизијата нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, ниту документарна програма.

Од генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, не добивме одговор зошто телевизијата должи.

Неодамна беше укината радиодифузната такса, а Владата реши МРТ да се финансира од државниот буџет.

meta.mk