Пред три дена се одржа средношколскиот протест против одлуката за целосна онлајн настава. Сојузот на средношколци заедно со своите соученици, но и родители излегоа пред Министерството за образование и наука и јасно го кажаа својот став дека се за комбинирана настава во новата учебна година. Тие и натаму ќе продолжат со активностите сè додека надлежните институции не ги исполнат нивните барања. Во спротивно, ќе ја бојкотираат наставата.
„Мета.мк“ разговараше со претседателот на Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, Борјан Ефтимов кој вели дека и како студент, но и како граѓанин, целосно ги поддржува средношколските протести.
– Овие протести се резултат на долгогодишните деструктивни образовни политики кои политичките елити ги спроведуваат. Корона вирусот само ги акцентираше проблемите кои ги имаме во образовниот систем, а досега беа игнорирани. Сметам дека овие протести даваат позитивна надеж за промени и реформи во образованието – вели Ефтимов во изјава за „Мета.мк“.
Тој не верува дека постои најефикасен тип на младински активизам, туку дека е потребна примена на сите средства кои им стојат на располагање на младите.
– Од директна акција како протести или поединечни протестни активности (т.н. „герила акции“), па сè до изработка на документи за јавни политики и предлози кои ќе бидат искомуницирани со институциите. Секој тип на активизам е ефикасен, доколку младите се истрајни и искрени во своите барања – смета студентскиот лидер.
Но ако може да се направи споредба од пред неколку години кога тој бил средношколец и сега, во смисла дали има промена во подигнувањето на свеста кај младите за нивниот глас, Ефтимов смета дека свеста кај младите по однос на тоа прашање е ниска.
– Младите сè уште не се свесни за нивната моќ и значење во заедницата. За жал, младите се прилично демотивирани, пасивни и не преземаат активности за решавање на своите проблеми. Не знам која е причината за ова, меѓутоа ние како млади мораме да разбереме дека самите можеме и мораме да си ги решиме сопствените проблеми. Никој друг нема да го направи тоа за нас – заклучува Ефтимов.