ЕК во извештајот ќе изнесе забелешки за судството, слободата на медиумите и за корупцијата

Сподели

STRAATSBURG - Vlaggen voor het gebouw van het Europese Parlement. ANP XTRA LEX VAN LIESHOUT

Европската комисија (ЕК) се очекува следната недела, в среда, да даде условена препорака за почеток на преговорите за евроинтеграција на Македонија, но македонските власти по изборите ќе мора да ги исполнат условите и да ги решат нотираните проблеми.

Сепак, како што соопшти поранешниот известувач за Македонија, Ричард Ховит, за време на последната посета на Скопје, ЕК во извештајот ќе користи поблаг тон затоа што земјата е во предизборен период:

– Извештајот ќе биде сензитивен поради претстојните избори, но нема да биде ништо поинаков од претходните. Европската Унија не сака да наведе нешто што би можело да се сфати како предрасуда пред изборите.

Брисел ќе ја услови препораката со спроведување веродостојни избори, кои, како што рече и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, за време на посетата во Скопје, треба да бидат совршено подготвени и спроведени:

– Важно е изборите да се подготват и да се одржат на таков начин што никој потоа нема да ја критикува подготовката и одржувањето на изборите.

јоханес хан

Во извештајот, како што претходно беше соопштено и од еврокомесарот Хан и од други високи европски дипломатски извори вклучени во неговото подготвување, ќе биде наведено дека македонската влада по изборите ќе мора сериозно да се зафати со спроведување на реформските приоритети. Сепак, овојпат Брисел од владата ќе бара да даде конкретни рокови за спроведување на реформите што досега не се целосно спроведени. Со слична порака минатиот месец излезе и еврокомесарот Хан:

– Мора да видиме временска рамка како ќе се случуваат реформите, а не само да слушаме извинувања за тоа зошто не се навремено имплементирани реформите.

Европската комисија во извештајот најверојатно ќе ја посочи и преголемата поларизираност на општеството и ќе се упати препорака партиите во предизборието да не водат валкана кампања и да не се врши притисок и заплашување на граѓаните и на јавната администрација. Тоа го порача и Хан во Скопје:

– Значајно е и како целата кампања ќе се спроведе од различните страни, значајно е да не се создаваат меѓуетнички тензии. На денот по изборите луѓето мора да се видат повторно и да работат заедно. Во повеќето од земјите, околу 70-90 отсто од одлуките се донесуваат со гласовите на опозицијата, тоа е тоа што е потребно, она што недостигаше во земјата, потребно е политичка дебата во рамките на парламентот.

Европските дипломати јавуваат дека Брисел ќе има забелешки и за независноста на судството и за функционирањето на правосудниот систем, а ќе се осврне и на институционалните пречки со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство при расветлувањето на случаите што произлегуваат од прислушуваните разговори. Брисел ќе порача дека е неопходно да се видат резултатите од работата на СЈО и никој да не се меша во неговата работа, но и партиите да не го злоупотребуваат за сопствени политички цели, особено не во предизборната кампања.

Состојбата во медиумите, исто така, ќе се најде во извештајот, во кој ќе биде наведено дека е направен извесен напредок, поради формирањето на ад хок телото за надзор на работата на медиумите во пресрет на изборите, но дека целосната медиумска состојба ќе треба да биде подобрена.

Во извештајот за напредокот ќе биде наведено дека земјата ќе мора да работи на подобрување на економската состојба, на зголемување на вработеноста, на еднаквоста на граѓаните, но и дека се препорачува да се подобри борбата против корупцијата, која постојано се провлекуваше низ досегашните вакви извештаи, а лани беше оценета со слаба оценка 2.

Секако, како и во досегашните извештаи, Брисел ќе порача и да се реши спорот за името со Грција, без што, засега е невозможно да се почнат какви било преговори.

meta.mk