Еквадор влезе во пресметка со криминалните банди

Сподели

 

Вооружени криминалци вчера упаднале во студиото на телевизиската станица во Еквадор за време на програма во живо, додека криминалните банди започнаа серија навидум координирани напади низ јужноамериканската земја. Носејќи пиштоли, митралези и динамит, маскирани криминалци упаднаа во седиштето на мрежата „ТЦ“ .

Под закана со пиштол, тие им наредиле на вработените во телевизијата во студиото да легнат на подот, пред да биде прекинат преносот во живо. Весникот „Ел Универзо“ пишува дека во паника новинарите и снимателите испратиле бројни пораки барајќи помош додека криминалците дивееле низ зградата. Последователно, полицијата на мрежата Х објави дека вработените во телевизијата „ТЦ“ биле евакуирани од студиото.

 

Подоцна еквадорската полиција објави дека ги уапсила сите вооружени лица и дека целиот персонал и заложниците се живи. Најмалку четири парчиња оружје, две гранати и експлозивен материјал се пронајдени, а 13 лица се уапсени, изјави Сезар Запата, началник на националната полиција.

До нападот во студиото дојде кога криминалните банди започнаа бран на терор низ Еквадор, киднапирајќи полицајци и активирајќи серија бомби. Нападите се случија неколку часа откако новиот претседател Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба по бегството од затвор на водачот на најопасната банда во земјата.

Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа издаде декрет со кој се потврдува дека Еквадор е во состојба на „внатрешен вооружен конфликт“ и нареди „неутрализација“ на бандите вклучени во трговијата со дрога.